Општините од Косово ќе учат од Струмица за учеството на граѓаните во носењето на локални одлуки
Како најдобра општина во Република Македонија, по партиципативното учество на граѓаните во креирањето на буџетот и носењето на одлуки на локално ниво, Струмица ќе ги пренесува своите позитивни практики на општините од Косово. Ова споделување на искуствата ќе се врши на нивно барање, откако во прирачникот за граѓанско учество кој што го подготви мисијата на ОБСЕ во Скопје, Струмица е нотирана како општина со најдобра практика во оваа област.
Во рамките на подготовките за конференцијата која што на 28 ноември ќе се одржи во Охрид, а на тема „Учество на граѓаните при носење на одлуки на локално ниво“ општина Струмица ја посетија претставници на мисиите на ОБСЕ во Македонија и Косово. На средбата со секретарот на општината, Кирил Парталов и раководителот на одделението за локален економски развој, Тони Милушев, се разговараше за позитивните практики на општина Струмица и како тие да се применат во единиците на локалната самоуправа во Косово. На претставниците на ОБСЕ им беше презентиран целиот процес на градење на консултациите со граѓаните уште од 2005 година, како прва општина со партиципативен буџет и начинот на вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики, особено во донесувањето на стратешките документи.