Општина Василево усвои Стратегија за развој на културата и уметноста

Советот на општина Василево на редовната 40-та Седница, едногласно ја усвои Стратегијата за развој на културата и уметноста во општина Василево за периодот 2016-2020 година. Овој стратешки документ општина Василево го работеше во партнерство со Здружението за култура и развој на креативни индустрии Култ Транзен од Струмица и истиот е дел од проектот „Развивање и ревитализација на руралните средини преку уметност и култура“ финансиран од Програмата на Цивика Мобилитас, програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС и СИПУ. Пред советниците Стратегијата ја презентираше експертот Јасмина Мазгалиева.
Резултатите од неколкумесечната работа на тимот вклучен во изготвувањето на овој стратешки документ на површина исфрлија три приоритетни области на дејствување, кои ќе придонесат за подобрување на оваа сфера: подобрување на постоечките и градење на нови инфраструктурни објеки и нивно ставање во функција на развој на културниот и руралниот туризам; развој на рурален туризам преку градење на сместувачки капацитети, градење и подобрување на патната мрежа, градење на единствена туристичка понуда, јакнење на капацитетите на локалнмото население за значењето на културниот и руралниот туризам како и креирање на бренд идентитет на општината со цел да се подобри видливоста на општината на локално, регионално и меѓубародно ниво. Третата област е наоѓањето финансиски средства за реализација на активности и проекти од областа на културата и уметноста.

Составен дел на Стратегијата е и акцискиот план со поставени приоритетни области и конкретни активности за наредните четири години.

Благодарност до Здружението за култура и развој на креативни индустрии Култ-Транзен од Струмица, на општинската администрација за целокупниот ангажман во изработката и до програмата Цивика Мобилитас, програма на Швајцарската агенција за развој и соработка, упати градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов.
Општина Василево во последните неколку години работи на подобрување на квалитетот на животот на своите сограѓани. Покрај многуте културни и спортски настани кои ги организираше општина Василево, недостасуваше еден пишан документ т.е стратегија за развој на културата и уметноста за и преку овој сектор да ги подобруваме условите за живот и задоволиме културните потреби на граѓаните коишто живеат во општина Василево. Овој стартешки документ ќе ни помогне во постигнување на целите односно збогатување на културно живеење на нашите сограѓани“.

Напишете коментар