Општина Василево обезбеди средства за изградба на мост на Сушевски порој
Општина Василево од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа обезбеди средства за изградба на мост на Сушевски порој. Градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, вчера, го потпиша Договорот според кој, Бирото за регионален развој, на општина Василево и доделува вкупно 1 103 949 денари, по претходен јавен повик за проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и за развој на селата за 2016 година.
Обврската за распишување на тендерот и изборот на фирма изведувач на градежните активности е на општина Василево и како што информираше градоначалникот Стојанов веќе во текот на маредната недела ќе биде објавен јавниот повик.
Мостот ќе биде изграден во горниот дел од селото, со што ќе се овозможи целосно поврзување на жителите од Сушево од едната и од другата страна на поројот.
Активностите на поројот се одвиваат според планираната динамика. „Повеќе од 50% од работите за изградба на поројот се завршени, истовремено се работи и на улицата која е покрај самиот порој па со изградбата на мостот Сушево ќе добие комплетно нов лик и целосно подобрени услови“, изјави градоначалникот Стојанов кој смета дека сите овие активности целосно ќе бидат завршени до втората половина на месец септември, односно до Мала Богородица, празникот на село Сушево.