Општина Струмица ја одбележа 74-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето
Со пригодна свеченост пред Спомен плочата во градскиот парк, денеска, беше одбележана 74-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето. За животот и делото на херојот зборуваше градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски.
-Беше 14. јули како што е и денес. Беше пазарен ден – сабота, како што е и денес. Но, за разлика од денот денешен, тој 14. јули, пред 74 години, беше еден од најзлокобните денови што го паметат Струмица и струмичани. На тој ден во 1944 година, Струмица остана без најсветлиот лик во својата историја. Станува збор за Благој Јанков – Мучето, струмичанецот кој ја заслужува должната почит на секој оној кој ги љуби минатото, сегашноста и иднината на својот роден град, на секој оној кој искрено ја сака Струмица. Токму поради таа љубов кон Струмица и кон Мучето, повторно се собравме за да го одбележиме денот на неговото загинување и да се потсетиме, кој беше Мучето и за каква идеја се бореше и го положи својот живот. Во оваа прилика, кога ја одбележуваме 74-годишнината од денот на загинувањето на струмичкиот Народен херој, не смее да се заборави дека, да не се случеше тој 14 . јули 1944 година, Благој Јанков Мучето многу наскоро ќе се израдуваше на два значајни настана од нашата историја. Само 19 денови го делеа од Првото заседание на АСНОМ во манастирот Свети Прохор Пчињски, на кој требаше да биде еден од делегатите. Исто така, неполни два месеца го делеа Мучето, за да го доживее првото струмичко слободарско утро. За жал не ги доживеа тие два датума, иако со нетрпение ги очекуваше, но и ги заслужи. Но името Благој, презимето Јанков и прекарот Мучето, останаа да бидат револуционерен триптих и синоним на струмичкиот непокорен дух. Така било во овие изминати 74 години, така ќе остане за вечни времиња. Нека се знае, нека се памети и нека се прераскажува, дека Народниот херој Благој Јанков Мучето, беше, останува и ќе биде наша струмичка гордост. И затоа, треба да му бидеме вечно благодарни за се што направи за овој град и за сите поранешни, сегашни и идни генерации струмичани, рече Јаневски.
Пред Спомен плочата, почитувачите на овој херој положија свежо цвеќе, а рецитатори од Домот за деца и млади што го носи неговото име, рецитираа револуционерна поезија. Свежо цвеќе беше положено и пред и пред Спомен бистата во малиот градски парк.