Општина Струмица денеска одбележува 71 година од ослободувањето
Општина Струмица денеска одбележува 71 година од ослободувањето. Овој голем ден за Струмица и струмичани се одбележува со повеќе свечености. Пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк за значењето на празникот зборуваше градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
-Има ли поубаво нешто од сознанието дека градот во кој си роден и во кој живееш, градот во кој си растел, градот на твоето вчера, денес и утре, и градот кој го сакаш неизмерно многу, одбележува 71 година од својата прва слободарска мугра. Безмалку 26.000 такви мугри се родиле во овој град. Безмалку 26.000 слободарски сонца ја огреале Струмица, од оној 11. Септември 1944 година, па се до денот денешен.
Нека вечно царува мудроста и слободарскиот дух кај луѓето, та да даде Господ уште илјада пати по толку мугри да доживее градот под Царевите кули, како и сите негови жители што ќе се родат под ѕвезденото струмичко небо, во годините и вековите кои се пред нас. СЛОБОДА, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. СЛОБОДА е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство.
Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и една година одозгора. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така ни ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв.
71 година слободна Струмица, тоа значи 71 година – надградба на традиционалните вредности, 71 година – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утро, 71 година – прогрес и растеж, и конечно 71 година – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е поучно четиво кое треба да се повторува. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град.
11.Септември е ден кој мора да се почитува, негува и чествува. 11 Септември е празник достоен за празнување. 11 Септември е јазол кој цврсто ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Секое од овие три нешта не може да постои само за себе. Овие три нешта мора да живеат во симбиоза, како што живеат трите збора кои започнуваат на истата буква – СТРУМИЦА, СЕПТЕМВРИ и СЛОБОДА, рече градоначалникот Заев.
Во чест на жртвите за слободата пред Споменикот на револуцијата свежо цвеќе положија градоначалникот Зоран Заев и претставници на Советот на општина Струмица, претставници на борците, на политичките партии и јавни институции, а децата од домот за деца и млади „Благој Мучето“ засадија дрвце на другарувањето во алејата на младите во градскиот парк