ООУ „Маршал Тито“ од Струмица, домаќин на општинскиот натпревар по математика за учениците од основно образование
Ученици од четврто до деветто одделение од општинските основни училишта од општина Струмица, викендот, беа учесници на општинскиот натпревар по математика, кој во организација на Сојузот на математичари на Македонија, се одржа во општинското основно училиште „Маршал Тито“-Струмица. На натпреварот учествуваа ученици кои во досегашното школување постигнале солидни резултати, со освоени први, втори и трети места на повеќе нивоа на натпреварување, но и ученици од четврто одделение, кои за првпат се сретнаа со решавање задачи на општински натпревар. По прегледувањето на решените задачи од 142 ученика, комисијата соодветно на нивото на натпреварување за учениците од четврто до деветто одделение, според освоените бодови, додели 76 награди и 27 пофалници. Првите места ги освоија учениците кои според критериумите имаа решено задачи со освоени од 81-100 бодови: Димитар Џорлев, Виолета Џорлева и Димитар Трајков од деветтите одделенија, Илија Боневски од осмо одделение, Трајче Манчевски, Христијан Динишев, Верица Костадинова, Максим Илиев и Никола Станишлевиќ од седмите одделенија, Велибор Божинов и Магдалена Мучева од шесто одделение, Златица Витанова, Анастасија Крстева, Христијан Алаѓозовски, Кети Митева, Бранкица Георгиева, Јаков Серафимов, Иван Пеев, Ана Спасова и Христијан Црвенковски од петтите одделенија. Од четвртите одделенија прва награда не беше доделена, но учениците Иван Гарванлиев, Петар Бунгурџиев, Јана Василева и Александра Нецева постигнаа најдобри резултати за втора награда, односно со освоени од 71 до 80 бодови. На ниво на училишта, најдобри резултати постигнаа учениците од ООУ „Видое Подгорец“, ООУ „Никола Вапцаров“ и ООУ „Сандо Масев“ од Струмица.