Одбојкарите на ООУ„Гоце Делчев“, Василево – државни прваци
Одбојкарите на ООУ „Гоце Делчев“ од Василево се државни прваци во одбојка, машки 2016/2017. На неодмана завршеното Државно првенство за основни училишта што се одржа во Пробиштип, во финалето ја совладаа екипата на ООУ „Климент Охридски“ од Битола со резултат 2:1 во сетови, со што заслужено се закитија со титулата државни прваци во одбојка во училишната спортска лига.
Горда на постигнатите резултати и освоената титула, нивната менторка, професорката Алма Хасанова нформираше дека одбојкарите на ООУ„Гоце Делчев“, Василево во текот на целото првенство редат само победи. „Од почетокот на првенството па досега, немаме ниту еден пораз. Први бевме на меѓуопштинско, зонско, регионално па се до државното првенство“, ни изјави Хасанова.
Победничката екипа на ООУ „Гоце Делчев од Василево е составена од ученици кои посетуваат настава во 7, 8 и 9 одделение, така што повеќе од сигурно е дека и во наредните натпреварувачки сезони учениците -одбојкари ќе му носат победи на своето училиште.
Според информацијата од Хасанова во комплетниот систем на натпреварување, започнувајќи од општинско, регионално, зонско па се до државно ниво учествувале околу 130 училишта.