Одбележана 63- годишнината од раѓањето на Претседателот Борис Трајковски
Одбележана 63-годишнината од раѓањето на Претседателот Борис Трајковски
Денес во организација на Општина Струмица, пред споменикот на Борис Трајковски во Градскиот парк, се одржа пригодна свеченост по повод денот на раѓањето на Борис Трајковски – вториот Претседател на Република Македонија. Говор за животот и делото на Претседателот Трајковски одржа градоначалникот Коста Јаневски кој меѓу другото истакна „Дочекавме уште еден 25. Јуни. Дочекавме уште едно чествување и сеќавање за нашиот сограѓанин, вториот македонски Претседател Борис Трајковски. Денес ја одбележуваме 63 – годишнината од неговото раѓање. Толку години поминаа од оној топол јунски ден од веќе далечната 1956 година, кога семејството Трајковски стана поголемо и побогато за два нови члена, новородените близнаци Борис и Александар. Така започна кусиот, но исклучително богат животен пат на човекот кој остави длабоки траги во нашата поблиска историја и во суштествувањето на нашата татковина. Така набргу се направени и првите стапнувања низ струмичките улици, сокации и маала, како и безгижните чекори во основното училиште и струмичката гимназија. Оние кои добро го познаваа, го паметат младешкиот дух на Борис Трајковски, исполнет со ведрина, добрина и искрена широка насмевка. На тој начин се раѓала, негувала и продлабочувала нераскинливата љубовна врска помеѓу Борис и Струмица, љубов која траела се до последниот миг од неговиот живот и по 15 години од прераната и трагична смрт, се уште е жив споменот за Претседателот Борис Трајковски и сите нешта кои беа белези за неговата доблесност, човечност и љубов. Сите тие спомени за него треба да ги чуваме и да ги пренесуваме на младите генерации, бидејќи Борис Трајковски е дел од нашата историја“.