Одбележан Меѓународниот ден на мирот
Повеќе од 150 ученици од средните училишта „Никола Карев“ и „Јане Сандански“, денеска во Струмица го одбележаа Меѓународниот ден на мирот со младинска акција во дворот на средното училиште „Никола Карев“. Акцијата беше поддржана од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. Садниците беа набавени од ЈП „Македонски шуми“ – подружница Струмица, а техничката поддршка од ЈПКД „Комуналец“.
Учениците преземаа волонтерска акција за хортикултурно уредување на училишниот двор, бојадисување на металните и бетонските конструкции во дворот и испишување на пораки за мир на училишниот ѕид. Исто така, младите организираа и хуманитарна акција за детското одделение во ЈЗУ „Општа Болница“, Струмица – за време на настанот донираа постелнини кои самите ги изработија.
Младинската акција е продолжение на долготрајниот процес во кој учествуваа средношколците од Општина Струмица, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Минатата учебна година, младите од двете училишта заедно ги идентификуваа проблемите во градот со кои што се соочуваат како млади личности. Еден од предизвиците за кој што изразија желба и самите да помогнат да се надмине беше токму лошата состојба на училишните дворови. Кон крајот на минатата учебна година, младите заедно преземаа волонтерска акција за разубавување на дворот на средното училиште „Јане Сандански“ и со нетрпение го очекуваа почетокот на новата учебна година за да организираат слична акција и во училиштето „Никола Карев.
Поектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Овој проект се темели на достигнувањата на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој во период од пет години остваруваше тесна соработка со Владата на Северна Македонија и сите основни и средни училишта при што изгради 400 партнерства меѓу училиштата од целата земја, организираше меѓукултурни активности во коишто учествуваа илјадници ученици и реновираше 63 училишта.