Одбележан денот на раѓањето на Делчев
Јаневски:Не смееме да заборавиме колкав е влогот на Гоце Делчев за нашиот слободарски миг и за нашата самобитност
„Нашата пребогата македонска историја чува голем број имиња и презимиња на големи луѓе кои го дале својот несебичен влог за борбата и опстојот на Македонија, но чинам дека името на Гоце Делчев го зазема самиот врв во тој историски именик“, рече градоначалникот Коста Јаневски на денешното одбележување на 146-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, кое што се одржа пред споменикот на истоимениот плоштад. Зборувајќи за животот и делото на Делчев, меѓу другото, тој додаде:
„Ниту во еден момент не смееме да заборавиме колкав е влогот на Гоце Делчев за нашиот слободарски миг и за нашата самобитност. Останува по кој знае кој пат да потврдиме и да повториме дека Гоце Делчев беше војник за слободата, стратег и професионален револуционер, ум со висок капацитет и широчина, но и човек со брилијантна визионерска обдареност. Гоце не само што гледаше кон иднината, туку и чекореше кон неа. Во оваа прилика ќе издвојам само една од многуте негови мудри изјави, во која тој меѓу другото вели: Македонија и припаѓа на сите без разлика на религии, нации и јазици. Во утрешна слободна Македонија ќе се здружат сите Балкански народи“. Ете така размислуваше Гоце Делчев. Ете така, драги мои сограѓани, Гоце ја сакаше Македонија, зборуваше за Македонија и се бореше за Македонија.Македонија тоа треба да го памети за вечни времиња и бескрајно да му биде благодарна за се што сторил во својот кус, но многу содржаен животен и револуционерен пат“.
Градоначалникот Јаневски и претставници на Советот на општина Струмица положија цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, а тоа го направија и претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борците, политички партии, училишта и други институции. Во чест на Делчев, учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ од Вељуса изведоа пригодна програма.