о.Григориј-Го имаме целиот свет,а стануваме асоцијални
Технологијата претставува практична примена на разумното знаење и телесните вештини на човекот за цели кои го олеснуваат животот или придонесуваат за подобрување на општеството. Терминот технологија започнува да се користи на почетокот од 17-иот век.
Целта на човекот во Рајот била да се достигне полнотата на боговподобувањето, односно човекот да постане по благодат таков каков што е Бог по природа.
Свети Григориј Богослов вели:
„Бог го овенча човекот со слободна волја, за доброто да биде определба на слободната волја на човекот; го смести во рајот за да води сметка за бесмртните растенија, преку созерцување на божествените помисли – прости и сложени, го остави гол во простодушноста и без никакви вештини; без никакво покривало или ограда, затоа што тој, што беше создаден на почетокот – таков и требаше да биде.“
Свети Григориј Палама вели:
„Адам е создаден од Бога безгрешен и млад; Адам доброволно се потчини на врагот, обраќајки се кон телесните наслади, потпадна под духовна извалканост и падна во противприродност. До нарушувањето на заповедите, Адам беше заедничар на божествената светлина и сјаење; како вистински облечен во облека на славата – Адам не беше гол, и не се срамуваше од својата голотија. Со гревот се лиши од славата со која беше украсен од Творецот, истата онаа слава која Спасителот ја покажа на Тавор. “
Технологијата, значи, се појавува после гревопадот, но не треба да ја сметаме за зло самата по себе. Преку макотрпната работа, и примените на вештините кои човекот ги стекнува после падот, успева да ја надомести својата немоќ во пропадливиот свет. Така, заслужената казна, како што вели свети Григориј Богослов – „станува одраз на Божјото човекољубие, бидејќи така казнува Бог, во што сум и уверен. А тоа Го прави за да се оневозможи вкоренувањето на разноврсните гревови во човекот.“
Технологијата, т.е. практичниот опит во овоземните науки и вештини, е знаењето на разумот, и таа секогаш ќе се користи во слава Божја ако се восогласи со знаењето на умот – кое е познанието на Бог. Во спротивно, разумот е подложен на самољубие и суета. Ако оваа неприродна состојба остане подолго време, тогаш светот (и технологијата) се одвојува од нас, и станува наш непријател.
Технологијата никогаш не и била туѓа на Црквата, напротив многу научни и технолошки достигнувања произлегуваат од Црквата (па дури и од самото монаштво). Рековме, таа се оддалечува од нас, во толкава мера, колку што и ние сме се оддалечиле од живото сведоштво на Христос во овој свет. Најголемото оддалечување настанува со појавата на хуманизмот, кој претставува обожување на паднатата човечка природа. Хуманизмот се обидува да ги постави границите на Царството Небесно надвор од срцето на човекот, кое пак, е местото каде би требало да се случува преобразбата на нашата природа во Христа. Вака поставено, царството од небесно станува земно; талантот прераснува во страст, духовната наслада преминува во интелектуална наслада (со истиот жар и светлина, но не и истиот извор). Со еден збор, настанува имитација на верата, а науката се претвора во религија.
Денеска, кога зборуваме за технологија, во поширока смисла мислиме на технологијата произлезена од индустриската револуција, а во потесна, на технологијата произлезена од пост – индустриската револуција. Карактеристики на пост – индустриското општество се преовладување на услужните дејности (на сметка на производствените) и преовладување на интелектуалната работа (на сметка на физичката). Најголемите технологии во ова општество се информационата и телекомуникациската технологија. Според некои социолози, денеска пост-индустриското општество веќе е преминато во мрежно општество, чии карактеристики се новите форми на информационите технологии (преку кои се редефинира поимот заедница, би рекол, се прави пародија од вистинската заедница на живи и конкретни личности), кибернетиката и вештачката интелигенција.
Секое општествено уредување и секоја научна дисциплина се базира на одредени философски рамки кои однапред се поставени, и врз основа на тоа, понатаму се изградува општеството, односно научната дисциплина. Се разбира, во таа база спаѓа и етиката. Етиката во информатиката драстично е сменета од нејзиното основање па до денеска. Во девеесетите години се предвидуваше дека во иднина, компјутерската (или информатичката) етика, ќе престане да постои, затоа што самото човештво ќе постане премногу зависно од информационата технологија (што мислам дека веќе и е). Самата технологија ќе биде целосно интегрирана во секојдневието од нашиот живот, односно, тоа би претставувало само одреден аспект од еден обичен нормален живот. Со други зборови, компјутерската етика ќе биде слеана со глобалната етика, која пак од своја страна, се труди да се апстрахира од етиката на одредени географски регион, религија или култура.
Крајна цел е, да се воспостават етички норми, се разбира, преку (зло)употребата
на информационата технологија кои не мора секогаш да се во склад со здравото Христово учење, но би биле општоприфатени од целиот свет. На пример, општоприфатена етичка норма е правото на слободен говор, особено во телекомуникацискиот простор. Така, од гледна точка на глобалната етика, интернет страници со блудна содржина се „етички“, односно се израз на слободен говор. Да се зборува за духовната штета што ја нанесуваат овие интернет страници е повеќе од излишно.
Во вакво брзо растечко (експоненцијално) општество, човекот со непреобразени страсти, многу лесно паѓа во замките на злоупотребата на современите технологии. Преку разните форми на комуникација (социјални мрежи, блогови), стануваме се повеќе себични и себецентрирани, бидејќи, главната карактеристика на злоупотребата на комуникациската технологија е самомнението, наместо градењето личносна заедница со оние со кои комуницираме (а преку нив и со Бог). Не се работи веќе за себедавање, туку за постојано барање. Наместо да слушаме, сакаме да бидеме чуени. Сметаме дека нашето мислење е важно, и дека помагаме некому. Но, проблемот е што денеска речиси секој го мисли тоа. Како ќе помогнеме некому, кога заборавивме да се слушнеме еден со друг? Некој што би побарал помош, би слушнал само една безлична толпа во која зборуваат илјадници гласови. Наместо да станеме жртва кон служењето на другите, ги жртвуваме сите за да ги задоволиме нашите страсти. Па така, иако примарната цел беше да споделиме она што го поседуваме (вклучително и нашите таланти, кои се дарови Божји), социјалните мрежи (и информативните интернет страници) постанаа место кадешто прикажуваме она што го консумираме (и пак вклучително, градејќи од талантите – идоли).
Сето ова не прави повеќе горди; и не оддалечува од вистинското лично покајание, кое пак е почетокот на вистинското богопознание. Свети Игнатиј Брјанчанинов, оваа состојба (која ја пренагласивме и преконсумиравме со и преку социјалните мрежи и интернетот воопшто) ја нарекува состојба на прелест, велејќи за таквите луѓе дека „стануваат смешна појава и се доведуваат во состојба на сеопшта пониженост, затоа што ја понижуваат својата сопствена природа и ја прават противприродна“.
Ќе наведам еден пример, како социјалните мрежи (и не само тие) се потенцијална опасност за човек кој не се труди да води духовен живот. Поточно, како една техника, направена за добро, може лесно да се злоупотреби.
Во информатиката постои една „нова“ техника (во наводници, бидејќи денеска тоа што мислиме дека е ново, веќе одамна застарело) наречена податочно рударење. Тоа преставува откривање нови корелации, шеми и трендови кои имаат смисла,
пребарувајќи во огромна база на податоци, користејќи разни алгоритми и техники (регресија, дрво на одлучување, невронски мрежи, кластерирање и слично).
Најпрво би набројал неколку позитивни примери од практичната примена на податочното рударење: предвидување на временските промени (временска прогноза), анализа на ДНК, откривање измами преку банкарски трансакции, анализа и подобрување на работата на спортист, работник или ученик, откривање целна група на потрошувачи за одреден производ, подобрување на производствената (или услужната) дејност на одредена фирма и тн.
Негативните примери, условно би ги нарекле негативни, односно би ги изедначиле со демонските предлози. Тие само нудат да учествуваме во злото, а дали ќе се согласиме со гревот е „определба на нашата слободна волја“. На пример, откривање на демографската структура и стил на живеење на одредено население. Со откривањето на стилот на живеење, лесно се открива и кои се нашите слабости и страсти и соодветно може да ни се продаде некој производ (или идеја). Друг пример: откривање на корелација на одредени производи во супер маркет. Во супер маркет, ништо не е наместено случајно. Се е складно наместено, така што ние би посегнале да купиме и нешто што не сме планирале (дури и касите за наплата, како и се останато е наместено така, што маркетот би направил што поголем профит).
Истото важи и за интернет продавниците, како и за секоја друга интернет страница со реклами, или пак социјална мрежа. Она што денеска се нарекува „персонализација“ (на фејсбук на пример), всушност, од математичка гледна точка е примената на алгоритмот за асоцијација (односно анализа на афинитет). Преку историјата на претходни пребарувања, или преку историјата на претходни прегледи или пазарувања, или оставени податоци (кои ги оставаме по наша слободна волја): фотографии, кои се нашите лични интереси и убедувања, каква музика претпочитаме, начин на облекување, и слично, самата социјална мрежа не опкружува во средина, кадешто страстите многу лесно би си ги реализирале. Што е најстрашно, мислејќи дека ни се олеснува животот, ние всушност несвесно, стануваме робови на современите технологии во секој поглед од нашиот живот. Така, соодветен духовен термин за „персонализацијата“ на личната интернет страница, би бил обезличнување, бидејќи нашата личност прераснува во консумент (на страсти).
Исто така, и многу време поминато на интернет, негативно влијае на се во нашиот живот. Повторно, го имаме целиот свет, а стануваме асоцијални. Постепено се навикнуваме да не размислуваме.
Колку често, наместо да се помачиме да
размислиме, веднаш одиме на интернет пребарувач и сакаме инстантно решение или одговор? Ваквиот начин на живеење направи да имаме ист приод и кон духовноста – без страдања да влеземе во радоста на Воскресението, односно, посакуваме инстант духовност.
Не помалку страшна е и зависноста од компјутерските игри (кои во денешно време повеќето се поврзани и со интернет). Се почнува наивно и забавно, а прераснува во компулсивно злокористење на компјутерските игри. Човек опседнат од ова (слично е и кај секоја една страст кон која имаме створено зависност), додека не игра, постојано мисли како или кога ќе игра понатаму, и прави план за активностите во текот на денот, кои подразбираат и малку подигрување – кое е само мамка, бидејќи штом седне да игра, заборава на се. А кога не е во дофат со предметот на обожение, станува немирен, нерасположен, па дури и агресивен. Спремен е да се откаже од се, само и само повторно да игра. Психоаналитичарите сметаат дека причината за стекнување на оваа зависност е поради системот на награда од било кој вид што ја има во игрите (поени, мисија, и тн.). Мислам дека, најбрзо и најбезболно справување со овој проблем е целосната апстиненција. Подобро да се оддалечиме од изворот кој е причинител на искушенија, ако чувствуваме немоќ да се избориме со нив. Свети Јован Лествичник вели дека војникот на бојно поле, кога ќе види дека е опкружен од мноштво непријатели, подобро е да се повлече од битката, да ја пронајде главната војска, да се прегрупираат, па повторно да оди во битка – ако сметаат дека се силни. Инаку, ако би останал во борбата – неговата смрт (во најмала рака заробеништво) е неминовна.
Целта на демоните кои ја користат информационата технологијата против нас, е да го окупираат умот со работи кои и не се така полезни. Всушност, ја расејуваме енергијата на умот, а демоните не поттикнуваат никогаш да не ја собереме. Ќе наведам два податоци кои се запрепастувачки:
- Денеска, просечниот човек од читање на само еден весник дневно, во период од една недела, прима исто количество на информации, колку што просечен човек од 18тиот век примал во текот на целиот свој живот.
- Информатичката технологија веќе се смета за застарена после поминати 2 години, па така, студентите кога ќе бидат трета година, тоа што го учеле во прва година, веќе ќе биде застарено.
Ваквиот сложен систем на односи, не прави жедни за консумирање на информации, и не воведува во непотребни грижи.
Треба да се научиме да го пронаоѓаме проблемот. Иако последиците од злоупотребата на современтата технологија се преголеми за нашиот нормален (духовен) живот, сепак, проблемот не е во технологијата. Рековме, иако е последица на падот, сепак е благословена од Бог, за олеснување на нашите животи… но и за да имаме повеќе време да Го прославиме Бог. Проблемот треба секогаш да се потрудиме да го бараме внатре во нас, а при тоа барање и да го пронајдеме таму, внатре. Бидејќи, и Царството Небесно е внатре во нас .