Нова Маала, Седларци и Василево се трите населени места набрзо ќе асфалтира по една улица
Нова Маала, Седларци и Василево, се трите населени места во кои општина Василево набрзо ќе асфалтира по една улица. Согласно Договорот потпишан со изведувачот, градежната којпанија „Бони Интерградба“ од Штип, градежните активности ќе започнат во средината на наредниот месец.
Улицата во Василево е во должина од околу 100 метри, во Седларци седумдесетина метри и истата води кон селската црква, а во населеното место Нова Маала, должината на улицата е околу 300 метри и води кон селската продавница во т.н Горна Маала. Ширината на сите улици е по околу 4 метри а заедничко е и тоа што ќе бидат изградени со асфалт.
Вкупниот вредност на оваа инвестиција, изнесува околу 1 100 000 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на општина Василево.
„Со оваа јавна набавка освен асфалтирањето на овие три улици планирано е и крпење на ударните дупки на околните улици со претходно засечување на ивиците, премачкување со битуменска емулзија и рачно асфалтирање со асфалт“, информираше градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев, кој уште еднаш потсети дека и покрај тешката финансиска состојба на општината, инфраструктурните проекти остануваат на врвот на приоритетната листа.
„Она што е започнато во текот на оваа градежна сезона, односно улицата во Василево од пошта до повеќенаменското игралиште , улиците во Сушево, Градошорци и Пиперево, како и овие три, чија изградба ќе започне околу средината на наредниот месец , во текот на оваа градежна сезона ќе бидат комплетно завршени. За други улици, како на пример за често споменуваната улицата во Нова Маала до џамијата, во тек е подготовка на техничка документација, за некои сме во фаза на аплицирање и чекаме позитивни одговори за средства за реализација, но она што е најбитно е дека не отстапуваме од намерата целосно да ја подобриме инфраструктурата во сите населени места на општина Василево, бидејќи наша единствена цел е подобрување на условите за живот на сите наши сограѓани“, дециден е градоначалникот Јанев.