Неподносливата Леснотија да се биде Македонец
„Неподносливата леснотија на постоењето“ на Кундера си го поставува филозофското прашање за разликата помеѓу леснотија и тешкотијата на живеењето. Според него, во животот немаме шанса да се вратиме назад, а имаме право само на еден избор и грешка. Оттука произлегува клучниот проблем во животот.
Македонецот не добива прилики да гаи такви дилеми. Што ако? Како ќе ми беше ако не бев македонец? Постои ли подобар живот од овој?
Одоговор е неподносливо лесно сервиран. Доволно е да си пуштите вести на Сител, Канал 5, Алфа или МТВ и ќе ја осознаете вистината дека бог не одбрал токму нас македонците да бидеме божествен народ и негово олицетворение на оваа земја. Погледни ги соседите во лице и слободно кажи им дека си лидер во буквално се, во повеќето области светски, а во оние во кои не си светски сигурно си регионален. (не е јасно на кој регион се мисли ама па и не мора да се знае важно е да си прв).
Зошто е лесно да си македонец?
Па како не е. Што има тешко во тоа да се преживува а не да се живее? Тешко ли е да имате неколку кредити со 15% камата на кои банката ви додава и некоја „ситна“ пара провизија? Зарем просечна плата од (да бидам дарежлив) 15 000 денари е малку?
Во нашата прекрасна земја е неверојатно лесно, да работите цел живот а да се пензионирате со пари за да си купите кикирики. Лесно е да работите цел живот а да не заработите ниту за еден годишен одмор. Исто колку што е лесно никогаш да не работите а да поседувате зграда на Водно, неколку хектари градежно земјиште, дебели банкарски сметки во Швајцарија, Белизе и Кипар.mesecina
Неподносливо лесно е името да не го давате кога веќе сте се иселиле и комотно си живеете некаде во Австралија. Ах колку лесно да се биде патриот кога веќе бугарскиот пасош ве однел во некоја земја во која солидно заработувате. Уште полесно е да сте политичар и да си земете еден бугарски пасош за секој случај. Никогаш не се знае, може некој ќе проба да ве уапси за парите кои сте ги украле од државата па само ќе си пребегнете преку граница и пак убаво ќе си живеете.
Ич не е тешко кога на комшијата ќе му умре козата, сам нека си плаче. Не е тешко и ако комшијата го отпуштат поради партија, што мајка барал бе, да си седел дома. Па што ако овие на власт не работат добро, лесно е мене ме вработија, што има јас да им ја мислам на другите.
Немој да забораваш дека е тешко кога не знаеш што му се случува во животот на комшијата. Многу е полесно кога ти бдееш над него, ги споделуваш неговите маки и проблеми во комшилукот, се нервираш што не е вработен, што ќерка му и син му уште се сами, а веќе се по 23 години. Не заборавај да го потсетиш кошијата дека ќе му биде полесно сега кога син му заминал во Германија и ќе им праќа пари.
Лесно е куфер да спакуваш и оп, прв авион надвор од Македонија. Уште полесно е кога си млад и образован таму да си најдеш работа. Оти тука е многу полесно на пензионерите да им се покачи пензијата, отколку на младите да им се најде работа. Та нели тие хранат фамилија а не обратно. Лесно е Заводот за статистика веднаш да ја намали стапката на невработеност од 30% на 27% оти и така не сме правеле попис, па тие 500 000 иселени луѓе ич не ги есапиме. Можеме слободно да си нафрламе проценти и така никој не може да докаже дека се погрешни.
Лесно е да го откупиш тутунот по 80 денари килограм кога тој вреди 120 денари, па на лето на земјоделците ќе им дадеш 40 денари субвенции.За да се развие земјоделието де. Лесно е да земеш државно земјиште а потоа и субвенции за тоа земјиште на кое нема ништо засадено и така инспекторите се зафатени со инспекции по фирмите. Не е страшно да исплатиш штети откако ќе поплави цела котлина поради не исчистени одводни канали. Уште полесно е да ветиш дека нема да се повтори и така после една година по наредната поплава, никој нема да се сеќава што си ветил.
Неподносливо лесно е да бидеш експерт во секоја област (ама буквално секоја). Фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, хокеј на трева, параглајдерство, нуклеарна физика, медицина, енергетика или со еден збор владин експерт.inat
Има ли нешто тешко во тоа за инает на комшијата да правиш се контра?
Секако дека нема. Ако тој направи штрајк – удри му еден контра штрајк. Ако направи протест, ич не му ја мисли одма контра-протест. Направи ли камп, ти веднаш да направиш уште подобар контра-камп, со уште поубави, поскапи и послатки сендвичи и сладоледи. Ако комшијата направи референдум, немој да му ја му ја мислиш, одма гледај да најдеш начин еден контра-референдум да му направиш. Верувај нема ништо полесно од тоа на комшијата да му водиш инает, ако е тој ВМРО-вец, ти веднаш вади книшка од СДСМ или пак обратно важно е само да си контра.
Неподносливо лесно е да бидеш политичар. Нема потреба да имаш морал, образ, принципи, идеи, ’рбет, свое мислење или било што свое. Важно е само да си потчинет на партијата и да знаеш да крадеш. Уште полесно е кога твојата партија губи, едноставно да преминеш во друга партија. Ништо полесно од тоа да влезеш со опинци во парламент, а да излезеш со најскапите Хуго Бос кондури, три – четири вили, зграда на Водно и само бог знае што друго. Лесно е и да притискаш на копчињата во парламентот, ако некогаш случајно завршиш во салата додека се гласа. Некогаш е полесно државата да ти купи вселенско летало наместо да ти плаќа патни трошоци. Лесно е да те откријат дека си крадел и пак да си останеш да власт. Воопшто не е тешко и ако некој умре заради твојата неодговорност, не си ти крив што не се слушаат поплаките во звучно – изолираниот удобен кабинет. Не е страшно и ако некој го сними твојот разговор како прикриваш убиство, можеби не си имал кому да пријавиш па си морал така. Лесно е секој ден да ветуваш инвестиции и нови вработувања. (по сите тие ветувања во 25 години независност секој македонец моментално во просек работи на седум работни места).
Не е тешко да платиш скапа реклама за трето дете, а да имаш највисока смртна стапка на новороденчиња на Балканот. Не е страшно и тоа што во моментов нема доволно места во градинките, важно е деца да се раѓаат. Не е проблем да воведеш екстерно и казниш професори, иако знаеш дека реформите кои си ги направил се лоши. Што има тешко во тоа да им наметнеш закон на студентите и професорите? Ама баш ништо, и така тие воопшто не протестираа и не бараа нов закон.
И ете така на леснотиите македонски им нема крај, од почетокот на времето кога бог не одбра нас македонците да бидеме свет народ па до ден денешен ние си живееме лесно, среќно, не многу задолжено, никогаш поробено, секогаш раселено.
Ете зошто е неподносливо лесно да си македонец, затоа што во тој магичен круг на само еден избор и само една грешка, ние македонците со неверојатна леснотија си преживуваме. АВТОР РИСТО ЃОРГИЕВ