Наградата „Ристо Шишков“ ја доби актерот Анастас Поп – Димитров од Бугарија
Наградата за најдобро актерско остварување на 23-от меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ ја доби Анастас Поп – Димитров, актер на драмско куклениот театар „Враца“ од Република Бугарија. Меѓународната жири комисија предводена од ланскиот лауреат, Бајруш Мјаку, наградата му ја додели за улогата на Таткото во претставата „Татко“ работена по текст на Стриндберг, во режија на Љупчо Горгиевски, а во продукција на тетарот од Враца, Бугарија.
Наградата која се состои од златен медаљон со ликот на Ристо Шишков и паричен износ од 1.500 евра на овогодишниот лауреат му ја врачи претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Во чест на наградениот актер беше изведена претставата „Кирил и Методиј“ од Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски, а беа доделени и наградите на фестивалот НЕТА.
Покровители на фестивалот беа градоначалникот Зоран Заев и Советот на општина Струмица кои континуирано ја даваат најголемата финансиска поддршка за што и добија плакета во знак на благодарност од фестивалот.