Младинскиот совет одбележа десет години од постоењето

Во големата сала на центарот за култура „Антон Панов“ беше одбележана дестгодишнината од постоењето на Младинскиот совет во Струмица. Свеченото собрание започна со настапот на поп пејачката Александра Јанева и ретроспективно видео, а беа доделени признанија и благодарници на поранешни и сегашни членови на Младинскиот Совет и на институции кои го поддржуваа младинскиот активизам во Струмица. Медал за основање и развој на младинскиот активизам, младинска политика и Општина по мерка на младите, му беше доделен на поранешниот градоначалник и актуелен претседател на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој од оправдани причини не беше на одбележувањето, а плакета доби и општина Струмица, која ја прими градоначалникот, Коста Јаневски. Во своето обраќање, зборувајќи за значењето на Младинскиот совет, тој рече дека ќе иницира формирање Младински совети во општините од Југоисточниот регион во кои се уште нема.

-Да се зборува за Младинскиот совет Струмица, невозможно е а да не се споменат бројните активности кои произлегоа како плод на инвентивноста и вложениот труд за реализација на истите, од страна на раководството и на сите негови поранешни и сегашни членови. Но, исто така е невозможно да се набројат сите тие проекти. Доволно е да се споменат бројните работилници, хуманитарни настани, Божиќни и Велигденски концерти, разни манифестации и слично. Сето тоа што беше плод на ангажманот на Младинскиот совет Струмица во изминативе десет години, имаше значително влијание за освежување на севкупниот амбиент во нашата општина, особено што младинскиот активизам и организираната форма на дејствување на младите, пред тоа се наоѓаше во вакуум период во кој недостасуваа такви младешки активности. Несомнено, пионерската улога на Младинскиот совет Струмица во државни рамки, треба да биде добар пример за ползување и од другите општини во Македонија, кои досега се` уште не направиле конкретни чекори на планот на младинското организирање и дејствување. Во таа смисла, во улога на претседател на Советот на Југоисточниот плански регион, најавувам формирање на Младински совети во сите општини од регионот, таму каде што не постојат, и нивно вмрежување за реализација на заеднички проекти и друг вид соработка. Тоа ќе придонесе за дополнителен прогрес на наште општини и се разбира на регионот во целост. А што тоа ќе значи за младите, и не треба да се зборува. Со уверување дека Општина Струмица и јас како нејзин градоначалник и понатаму ќе бидеме партнери, поддржувачи и пријатели на младите, на раководството и членовите на Младинскиот совет Струмица, им го честитам десетгодишниот јубилеј, со желба за уште многу понатамошни успеси во нивното дејствување, рече Јаневски.

Присутните на свеченото собрание ги поздрави и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Во десетгодишното постоење на Младинскиот совет реализирани се над 150 проекти, а во него членувале над 2.500 волонтери.

Напишете коментар