Костадинов:Користењето велосипед и пешачењето нека бидат наше секојдневие
Во организација на општина Струмица, еколошкото друштво „Планетум“ и велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица, а во рамките на Европската недела на мобилност, која се одржува и одбележува насекаде низ светот, денеска, беше одбележан 22 септември – Светскиот ден без автомобили. На велосипедистите кои се собраа на градскиот плоштад, со својот велосипед, им се придружи и вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов. Пред стартот на дефилето кое што се реализираше во централното урбано јадро на Струмица, Костадинов, апелираше до граѓаните, користењето велосипед и пешачењето, како убави навики, да бидат дел од нашето секојдневие.
-Денеска е последен ден од „Неделата на мобилност“, која годинава се одбележува под мотото „Споделувањето те движи напред“. Морам да кажам дека денеска во целиот свет се одбележува Светскиот ден без автомобили. По тој повод, во организација на Општина Струмица, Еколошкото друштво „Планетум“ и Велосипедскиот клуб „Актив“, организираме традиционално дефиле со велосипеди и марш низ централното урбано јадро на Струмица, а целта е да ја подигнеме свеста да користењето на велосипед и пешачењето бидат секојдневие на нашите граѓани. Од овде сакам да апелирам дека не треба само еднаш годишно да си ја будиме свеста за зачувување на животната средина и зачувување на сопственото здравје, туку овие убави навики треба да бидат буквално дел од нашето секојдневие. Тоа треба да го правиме и за наше добро, но и за доброто на генерациите после нас, рече Костадинов.