Костадинов: На советниците од ВМРО ДПМНЕ им паднаа маските поважни им се партиските од интересите на граѓаните
Заменикот градоначалникот Костадин Костадинов, на денешната прес конференција, рече дека на 49-та седница на Советот на општина Струмица паднаа маските на советниците на ВМРО ДПМНЕ и си ги покажаа своите вистински лица. Со негласањето на дневниот ред на седницата, тие потврдија дека личните и партиските им се поважни од интересите на граѓаните.
Интегрален текст од прес конференцијата на Костадинов:
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите
За дваесеттина денови ќе се одржи традиционалниот Струмички карневал. Но, оваа прес конференција не се однесува на карневалот и на тенденциозната одлука на Министерството за култура и на министерката Елизабета Канчевска – Милевска, оваа репрезентативна манифестација од национален интерес, да не добие ниту еден денар од ова министерство. Струмичкиот карневал ќе го биде и без таква поддршка и веруваме дека ќе го зачува високиот рејтинг во светски рамки.
Значи карневалот не е тема на оваа прес конференција. Карневалот ни служи само да констатираме дека на членовите на Советот на општина Струмица од ВМРО ДПМНЕ, и пред неговото одржување им паднаа маските, покажувајќи ги своите вистински лица. Паднаа маските на 49-та Седница на Советот на општина Струмица, која по волја на советниците на ВМРО ДПМНЕ не се одржа, бидејќи не гласаа за дневниот ред на истата.
Новонастанатата состојба, со добивањето статус на пратеници на двајца доскорешни членови на Советот на Општина Струмица, и со моето наименувањето за заменик градоначалник, на местото на поранешниот градоначалник Зоран Заев, советниците од ВМРО ДПМНЕ ја искористија за класична блокада на работата на Советот. Тие докажаа на дело, дека поважен им е партискиот, а пред се личниот интерес, отколку интересот на граѓаните. Па така, наместо да се грижат за запишувањето на учениците во прва година во Средните општински училишта, за формирање координативно тело за заштита од дискриминација, за резервирање средства за експропријација во општинскиот буџет или за донесување важни одлуки од областа на урбанизмот, нешта кои беа опфатени со дневниот ред на седницата, тие повеќе мислеа како да зграбат столче за себе во комисиите и на тој начин да го остварат својот личен и теснопартиски интерес.
На тој начин се виде кој колку се грижи за општина Струмица и нејзините граѓани. Различниот аршин кој на мала врата сака да го спроведе ВМРО ДПМНЕ во однос на пропорционалноста во комисиите, при што едно правило да важи за централната, а друго за локалната власт, во најмала рака е смешна и несериозна работа. Повеќе од очигледно е дека оваа партија, предвремено ја започнува кампањата за локалните избори, а граѓаните на општина Струмица ги става во втор план. Таквиот однос и паѓањето на маските, потврдува дека сите изминати четири години, делувањето на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, било во функција на задоволување на потребите на партијата, а не на потребите на граѓаните. Притоа, една работа треба да им биде совршено јасна: граѓаните знаат и не забораваат.