Коста Јаневски ја презеде функцијата градоначалник на општина Струмица
Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, денеска, му ја предаде градоначалничката функција на д- р Коста Јаневски, кој од денеска е новиот градоначалник на општина Струмица. Јаневски ја презеде функцијата по добивањето на решението за избор од Општинската изборна комисија.
Костадинов кој осум месеци ја извршуваше градоначалничката функција, на примопредавањето се заблагодари на поддршката од општинската администрација и граѓаните, рече дека со д-р Коста Јаневски, Општината ја остава во сигурни раце, а од позицијата на пратеник во Собранието на Република Македонија ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните.
-Денеска, заврши мојата должност вршител на функцијата градоначалник на општина Струмица. Се чувствувам особено горд што ја имав можноста осум месеци да ја водам Општината, која што 12 години се градеше по европски терк, која беше и останува најпосакувано место за живеење во Македонија. Предизвикот беше голем и сериозен за млад човек како мене, но претходно имав добар учител и само го следев патот што веќе беше трасиран од него. Го надополнив со повеќегодишното искуство како член на Советот и со големата љубов што ја имав и имам кон Струмица го продолживме нејзиниот развој заедно со Советот и поддршката од граѓаните. Ја користам можноста, јавно да му се заблагодарам на поранешниот градоначалник и актуелен премиер на Република Македонија, Зоран Заев, за довербата која што ми ја укажа и ми ја довери градоначалничката функција. Им благодарам и на вработените во општинската администрација за поддршката и секако на граѓаните кои ме поддржуваа и мотивираа да го дадам својот максимум и да го вложам својот капацитет во развојот на Општината. Јас и понатаму ќе продолжам да работам во интерес на граѓаните на општина Струмица, но од позиција на пратеник во Собранието на Република Македонија, рече Костадинов.
Јаневски рече дека со голема чест и одговорност ја презема градоначалничката функција. Им се заблагодари на граѓаните за поддршката и кои во неговата програма ја препознале неговата визија и љубов кон Струмица, а потенцираше дека сака заедно со нив да ја градат иднината на Струмица.
-Со голема чест, но истовремено и одговорност, денеска, ја примив функцијата градоначалник на општина Струмица. Велам чест, затоа што Струмица не е било која општина, туку, најпрогресивната општина во последните 12 години, од која граѓаните очекуваат многу и тоа со право. Одговорност, затоа што мојот градоначалнички мандат ми е доверен со голем број гласови од граѓаните. Тоа се гласови на граѓани кои во понудената програма ја препознаа мојата визија и љубов кон Струмица, кои ја препознаа мојата сериозност и посветеност во нејзиниот развој. Препознаа живот во Струмица за сите. Во ова мое прво јавно обраќање како градоначалник на општина Струмица, сакам од срце да им се заблагодарам на граѓаните за поддршката која што ми ја дадоа и довербата што ја имаа во мене и во мојот тим. На овие локални избори, граѓаните се победниците, а јас сум само еден од нив, кој во наредните четири години ќе ја води општина Струмица во нови успеси. Им ветувам, ќе ги реализираме ветените проекти, ќе работиме вредно и посветено. Мојот кабинет секогаш ќе биде отворен за проблемите на граѓаните, нивните идеи и сугестии. Затоа што јас сакам заедно со нив да ја градиме иднината на Струмица. Да обезбедиме квалитетен живот за сите, рече Јаневски.