Кошаркарскиот клуб Струмица славеше победа над АВ Охрид со резултат од 60-64
Кошаркарскиот клуб Струмица успеа да стигне до четвртата сезонска победа во Првата лига, и тоа на гостински терен, откако во рамките на 11. коло славеше над АВ Охрид со резултат од 60-64.
Стартот на мечот во СЦ „Билјанини Извори“ не го наговестуваше конечниот исход, со оглед на тоа што домаќинот АВ Охрид воведниот период го доби убедливо со 20-9. Струмичани одиграа нешто подобро во вториот дел од првото полувреме, период кој го добија со 15-19, за намалувањее на предноста на АВ Охрид, кој на паузата замина со +7 (35-28).
Гостите третиот период го добија со идентичен резултат од 9-20, колку што имаше домаќинот во воведната четвртина, па така направија комплетен пресврт и на пауза во пресрет на завршницата заминаа со +4 (44-48). Во последните десет минути Струмица знаеше како да ја задржи предноста и на крај славеше со конечен резултат од 60-64.
Капитенот Ефтим Богоев со 18 поение беше најефикасен во редовите на Струмица, а добра поддршка од 15 поени имаше и од Јокиќ. Во домашната екипа на АВ Охрид со 16 поени најефикасен беше Лука Милојевиќ, додека Василевиќ оствари „дабл-дабл“ ефект од 10 поени и 12 скока.