Колумна- Платено ни е

Платено ни е .. Затоа што Колето рече дека јас си одлучувам ..еве што си одлучив дека треба да правите .. Ќе купите Балон за тенис ( ги знаете тие зимските , убаво затворени, МЕУРИ ги викаат, со реклама од некоја пивара) е такви 6 парчиња.. секое дете од градов и околината што ќе сака да учи тенис да има термин 2 пати неделно. Еден балон = 2000 долари. Најголемите 4-5000..ама платено ни е .

Струмица Гас ќе ги затоплува (платено ни е ), а од трансакциски сметки –лични- позиција и опозиција во градов ќе купи рекети и топки.Ќе донесете две лизгалишта оваа зима… и така секоја година , оти не бива да се лизгам јас на секои две години или недај боже на 4 години…се заборава , не е избори па се да се памети.

МВР да си ги праша од IT службата си ги имат вработено да останат на работа до 16.30 и никој од вработените да не исклучува компјутер до 16.24…а попатно да им ги поправи принтерите за извод да земам во два дена , не во три. А и сестра ми сака да знае зошто сите мајки што родиле деца во 1974 г. во изводот на децата не им е напишано моминското презиме на мајката (така кажа Ваш вработен: -”Сите изводи на деца родени во 1974 немаат напишано моминско презиме на мајките ! – Неможам сега само на сестра ти да и ја пишам со моминско.” )Сега сестра ми е без половина роднини по извод.

Вие од локален развој нешто јавно зборите сте чекале некое милионче-две до крајот на годинава. Па ќе чекам на 1-ви Јануари да ми кажете каде сте ги потрошиле.

Знаете ли дека во Струмица филм се снима со буџет од 200 000 евра…знаете ли дека Тренчовски за милионче-два плус Орландо ќе ни го донесеше од Гевгелија, па ќе снимавме “Златна шесторка” ако треба… Милионче – два се само во вашите очи..во нашите очи тоа се човечки судбини. Вашата убава , мојата не. А наши пари се .

Секој од нас фамилијарно платил во просек два погреба и миниум три крштевки….е сега за возврат Вие богомислужбените лица, мишка под мишка, ќе се прошетате и бесплатно ќе ни ги благословите Стара чаршија и две – три улички кај шо пиле не пее за да им тргне на луѓето…а може и бесплатно чајче да делите. Пред тоа се молат сите од чаршијата што имаат роба од минатиот век да ја донираат некаде , а не со попуст да ми даваат за 1800 денари блуза што ќе и беше таман на мама , ама пред да се породи со мене.

Сакам Стара чаршија да замириса на печени костени, на топло лебче, на крофни со ванила…на топло чајче за носење… Украсете со цвеќе по цела улица, како таа продавничката со детска конфекција и таа спроти неа ..една саксија една …преубаво. Не мора ни цвеќе да е ..може и мирудија, магданос, нане..малку ќе позајмиме за ручек. По скапите изветвени блузи и кондури нема да дојдеме …ама за убава, квалитетна облека , вистински попуст и печени костени сите ќе се прошетаме.

Ефтимче срцка само ти работиш во градов..а и една тетка од катастар што и за време на пуза од 12.30 до 13.00 не оправи 4 луѓе со насмевка.Ама да ти кажам да не ми бараш пак да правам елаборат затоа што еден веќе ти донесов уште 2009..(на тој пред тебе де ).. Нема промени во ГУП-от ич не проверувај, ниту имам пари за нов елаборат, ниту за да градам , нит сум јас Миле. Една до две се тие тетките од катастар, другите во позадина во една рака го држат кафето, а со другата со показалецот ги бараат буквите на тастатурата почнувајќи од прв ред горе лево qwerty… Ги видов и не ми се веруваше на таква умешност и трпение. Ако не ве бива од ЕВН – Струмица , барам под итно да се јавите на Ленчето, наша момичка е , ќе помогне да ги осветлиме СИТЕ улици во градов. Како што плаќаат во центар за улично осветлување , така плаќаат и тие од “споредните” улици по кои како Вие никогаш да не сте поминале.

Нинче Многуфиновски да го викнете пак да се прошета по струмичките болници и се по список. Кој работи, кој не, чаршави, стетоскопи, реагенси, бубашваби, колку е тарифа на рака за операција , колку за новородено, колку за преврска…ако го заболи глава и ви побара аспиринче, никој не смее да му даде. Нека си купи сам на приватно, како јас што си купувам…а еднаш си купив и топломер.

Струмица ОПен го прогласува Клоузет. Ако уште еден ми каже дека оди на бесплатен концерт ќе пов’рнам. НЕ ни е бесплатен. П-л-а-т-е-н-о ни е . Секој поет ни е платен, секоја трка ни е платена, секој рефлектор ни е платен, дури и една цела обсерваторија сосе цел е-д-е-н телескоп. Се брукате себеси , не брукате нас. За сите овие години со тие пари ќе донесевте една обсерваторија сосе тој ЕДЕН телескоп, дури и ќе изучевме едно струмичанче за астроном. па наместо само да живееме со светлосни години назад и ќе научевме што значат “светлосни”… Ќори одите по светов уште по ќорави се враќате. Ми донесовте едно ќоше. Ќе ми донесете 100 000 садници Тонда џентиле де ла ланге (лешник). Каква чоколада бре.. Нутела за цел живот ќе јадеме. А сакав и да прашам кој е градскиот ни архитект? Имаме ли? Вака беше порано. Еден семафор во Струмица и се фалевме со него и никој не го шишаше. Од 20 луѓе што ќе застанат на црвено еден ќе тргне и сите по него ќе поминат . Тој што стои гарант не од тука. Денес од 40 луѓе што стојат, еден ќе помине на црвено ,а 39 чекаат зелено. Како што го гледаме тој едниот што поминува на црвено, е така ве гледаме сите Вас о-д-г-о-в-о-р-н-и на сите фотелји. Да , ни требаа светлосни, ама научивме. Има промени.Има секакви промени. И на арно и на лошо. Вие правите што ќе ви текне , а ние плаќаме не само со пари туку и со нашето време што тече тик-так на песочен часовник.

Крај на разговорот

Автор-

Trillian McMillan@don’t panic

Напишете коментар