Јаневски:11. Септември е јазол кој цврсто ги поврзува минатото, сегашноста и иднината
Општина Струмица, денеска, на Спомен костурницата над градот, ја одбележа 74-годишнината од нејзиното ослободување. За значењето на овој ден пред присутните зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски, кој потенцираше дека не смее да се заборави Спомен костурницата, затоа што таа крие бројни приказни, кажани и недоискажани, приказни кои го откриваат богатиот историски мозаик за слободарскиот дух, вгнезден во душите на струмичките борци.
-Има ли поубаво нешто од сознанието дека градот на нашето вчера, денес и утре, и градот кој го сакаме неизмерно многу, денес одбележува 74 години од својата прва слободарска мугра. Околу 27.000 такви мугри го делат оној 11. Септември 1944 година, до денот денешен. Слобода, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. Слобода е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство. Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и четири години одозгора. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така ни ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв. 74 години слободна Струмица, тоа значи 74 години – надградба на традиционалните вредности, 74 години – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утро, 74 години – прогрес и растеж, и конечно 74 години – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град. 11.Септември е ден кој мора да се почитува, негува и чествува. 11 Септември е празник достоен за празнување. 11 Септември е јазол кој цврсто ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Секое од овие три нешта не може да постои сами за себе. Овие три нешта мора да живеат во симбиоза, како што живеат трите збора кои започнуваат на истата буква – СТРУМИЦА, СЕПТЕМВРИ и СЛОБОДА.
Почитувани сограѓани, кога зборуваме за ослободувањето на Струмица, тогаш мора да ги спомнеме имињата на големите струмички родољуби кои изборија заслужено место во нашата историја, луѓе кои не го штедеа својот живот за слободата на својот град и својата татковина. Најголемиот дел од нив не го дочекаа 11. Септември 1944 година и не ја почуствуваа убавината на слободата, но дадоа огромен придонес тој ден сепак да осамне. Нивниот недосонуван сон е наше убаво јаве и затоа треба да им бидеме вечно благодарни. Струмица треба и мора да се гордее со Благој Јанков-Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Јоска Свештарот, Боро Џони, Боро Поцков и останатите. Струмица треба и мора да ги почитува и слави тие имиња, ако сака да биде почитувана како град кој држи до себе и до својата историја, до своите севкупни вредности. Струмица треба и мора да го чува споменот за нив и да го пренесува од колено на колено на идните поколенија струмичани, рече Јаневски.
Во знак на почит кон жртвите за денешната слобода на Струмица беше положено свежо цвеќе, а се одржа и мал митинг на револуционерна поезија во кој учествуваа членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“.