„Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“
Во рамките на проектот финансиран од Детската Фондација Песталоци, учениците од ООУ „Маршал Тито“ во село Муртино, реализираа програмска активност планирана за секцијата по физичко и здравствено образование. Активноста наречена „штафети во колони“, опфати повеќе елементи на заедничка тимска работа, работа во групи, меѓусебна соработка, дружење и учење едни од други. Тоа придонесе да се споделат нови искуства и да се навлезе во креативните спортски содржини, вежби и игри кои физички го активираат локомоторниот апарат и директно влијаат врз правилниот раст и развој на ученикот, ја подобруваат неговата физичка способност и здравјето и го потикнуваат на здравиот начин на живот. Дружењето на учениците од различни етнички групи и почитувањето на различностите ја зголемуваат самодовербата и учениците се учат да развиваат позитивни ставови, психосоцијални и интерперсонални комуникациски способности, со развиени вештини за позитивно емоционално изразување во спортските игри. Општина Струмица, како партнер во овој проект, продолжува со поддршка на активностите од заеднички интерес. Проектот е имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје, во соработка со БРО-Скопје.