Хуманитарен хепенинг по повод одбележување на христијанскиот празник Лазарова сабота

Почитувани,

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА – Струмица (ЦПЛИП ПОРАКА – Струмица) организира хуманитарен хепенинг по повод одбележување на христијанскиот празник Лазарова сабота и претстојните велигденски празници, кој ќе се одржи на 08.04.2017 г. (сабота) со почеток во 11:00 часот во малиот парк на булеварот „Маршал Тито“, Струмица (спроти трговскиот центар „Глобал“, а во непосредна близина на пекара „Карпош“).

На хепенингот ќе бидат претставени ракотворби, украси, керамички вазни со велигденски мотиви, велигденски јајца, кошнички за велигденски јајца и други креации со велигденски мотиви, изработени од децата и младинците со интелектуална попреченост – членови на ЦПЛИП ПОРАКА – Струмица. На хепенингот, исто така, членовите на ЦПЛИП ПОРАКА – Струмица ќе бојадисуваат велигденски јајца.

Присутните гости на хепенингот, за симболична сума, ќе можат да ги купуваат ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП ПОРАКА – Струмица со потребните дидактички материјали за работа.

Овој настан, како и серијата претходни креативни работилници, се дел од Годишната програма за работа на ЦПЛИП ПОРАКА – Струмица за 2017 г.

Напишете коментар