Граѓаните на Струмица ги рангираа развојните програми за 2016 година
Граѓаните на Струмица синоќа уште еднаш го потврдија партиципативното учество во процесот на носењето на буџетот на Општината и зголемувањето на нејзината транспарентност. На втората сесија на граѓанскиот буџетски форум кој се одржа во организација на Центарот на заедницата и општина Струмица во домот на АРМ, извршија приоритизација на развојните програми, откако, истите ги презентираше Евгенија Граматикова раководител на одделението за буџетска координација на општина Струмица. Граѓаните со консензус вака ги рангираа развојните програми за 2016 година: улици и патишта – 70 поени, локалниот економски развој и уредувањето на руралните подрачја добија по 56 поени, образование – 55, социјална заштита – 48, уредување на градежно земјиште – 44, култура – 35 и спорт – 32 поена.
Граѓанските форуми во општина Струмица ги имплементираа Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните“, а кој ФООМ го спроведува во партнерство со општина Струмица.