Градоначалникот Заев оствари средба со полскиот амбасадор Јацек Мултановски
Градоначалникот на општина Струмица,Зоран Заев, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски. На средбата, градоначалникот Заев и амбасадорот Мултановски ја потенцираа добрата соработка меѓу Македонија и Полска, но посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на соработката меѓу општина Струмица и градот Грујец кои во 2012 година потпишаа Меморандум за соработка. Во рамките на досегашната соработка остварени се повеќе средби на различни нивоа. Заедничка беше констатацијата дека соработката треба да се прошири бидејќи постои голем потенцијал кој се уште не е искористен во повеќе области, а посебно во економијата.
Градоначалникот Заев истакна дека веќе се прават напори за воспоставување бизнис релации за пласман на земјоделските производи од струмичкото поднебје кои имаат извонреден квалитет и се барани на европските пазари. Во прилог на продлабочувањето на економската соработка со Струмица, но и со Македонија е најавата на амбасадорот Мултановски за воспоставување директна авионска линија меѓу Скопје и Варшава.
На средбата беше нагласена и потребата од воспоставување директни врски меѓу локалните самоуправи и граѓанскиот сектор.