Градоначалникот Јаневски оствари средба со постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, денеска, оствари средба со постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон. На средбата се разговараше за реализацијата на тековните проекти, но и за проектите кои се планирани да се реализираат во рамките на соработката меѓу општина Струмица и УНДП во наредниот период.
Постојаниот претставник на УНДП, Винтон, рече дека е задоволство да се соработува со општина Струмица која има одлични практики, кои тие сакаат да ги пренесат во соработката и со другите општини во Македонија. Изрази задоволство и од реализацијата на тековните проекти и ја потенцираше желбата за продлабочување на соработката во наредниот период во повеќе области.
Градоначалникот Јаневски рече дека општина Струмица ќе продолжи да биде силен партнер во соработката со УНДП ставајќи го на располагање целокупното досегашно позитивно искуство и капацитетот на општинската администрација и несебично ќе ги поддржува сите проекти кои се во интерес на граѓаните.
Во рамките на соработката меѓу општина Струмица и УНДП, се реализирале и реализираат повеќе проекти. Најголемиот кој што е во тек е „Реставрација на сливот на реката Струмица“ со кој значително ќе се подобри заштитата на животната средина, во тек е доделување на грантови на фармерите за подобрување на земјоделските практики за одгледување на овошје и зеленчук, 30 веќе добија, а втората група ќе биде избрана наскоро, а се имплементираат и други проекти од повеќе области. На денешната средба беше најавено дека општина Струмица ќе биде вклучена во имплементирањето на уште неколку проекти, меѓу кои, зајакнување на општинските совети и зајакнување на Општината и невладиниот сектор.