Годинава по 11-ти пат „Ден на празот“
Вчера во организација на општина Василево, во населеното место Градашорци се организира манифестацијата „Ден на празот“ која 11 години успешно го промовира празот како исклучително здрава храна и Градашорци и околината како место во кое се одгледува најквалитетниот праз во државата и пошироко.
„Годинава по 11-ти пат сме домаќини и организатори на манифестацијата „Ден на празот“. Ако намерата на почетокот била да се промовира празот како здрава храна и ова поднебје како место во кое се произведува најквалитетниот праз во државата и на едно место да се соберат производителите, преработувачите и откупувачите, денес кога екологијата и заштита на животната средина се се поактуални одовде сакаме да упатиме порака дека ние сме еколошки чиста и здрава средина во која се произведува здрава Храна“, изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев.
Од оваа година, Манифестацијата чиј заштитен знак се многубројните специјалитети од праз специјално подготвени за дегустација доби и една нова -хуманитарна димензија. Градоначалникот Јанев ги покани присутните да ја покажат својата хуманост на дело и да донираат.
„ На сите посетители им нудиме можност да ја покажат својата хуманост на дело со тоа што за специјалетите што ќе ги дегустираат ќе можат и да донираат средства и на тој начин да помогнат на оние на кои им е најпотребно“ изјави градоначалникот Јанев.
Големиот број гости уживаа во вкусот на бројните специјалитети и содржините на културно уметничката програма подготвена од учениците, во фолклорните изведби на КУД „Тримери“ и музичкиот дел од програмата.