Епископ Јаков Стобиски-Најголемото богатство
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Денес сакам заеднички да погледнеме, од една наша лична перспектива, на дијалогот што се одвива помеѓу овој млад и богат човек и Богочовекот Христос (види: Матеј 19, 16–26). Момчето навистина започнува убаво: „Учителе добар, што треба да направам за да имам живот вечен?“, и на некој начин тоа сите го разбираме, тој егзистенцијален крик на секоја човечка душа – да живее вечно и да ја надмине смртта. Но на крајот, сепак, во Евангелието се вели: „Си отиде нажален од Христос“, иако Христос со ништо не го растажил, ниту пак, имал намера да го растажи, само искрено одговорил на неговите прашања. Многу луѓе си заминуваат и денес натажени од Црквата, и од пастирите на Црквата.
Но, тоа е само поради тоа што не може Црквата и вековното Предание на Отците, и евангелската вистина да се прилагодуваат на желбите или, подобро кажано, на страстите човечки. Евангелската вистина е бескрупулозна во однос на снисходењето кон гревот и страстите, и кон сето она што е спротивно на Бог, Кој ни се откри во Евангелието на Својот Син.
Сум ви кажал многупати дека Светото Евангелие на богослужбите, а пред сè, на Литургијата, Го иконизира Христос на собранието. Целивањето на Евангелието на Утрената Го иконизира Христос – на Христос Му се поклонуваме и Христос Го целиваме. Единствено на неделната Утрена свештеникот го чита воскресното евангелско четиво на чесната трпеза, а не пред дверите. Објавувајќи го воскресението и држејќи го пред дверите, тој нè повикува да Го целиваме и да Му се поклониме на Воскреснатиот Христос, Кого Го изнесува од гробот (чесната трпеза) додека читаме: „Откако го видовме Воскресението Христово, пријдете да Му се поклониме на Светиот Господ Исус“. И на Малиот вход, исто така, Евангелието што поминува меѓу народот и влегува во олтарот, зад кое чекори епископот како жива икона Христова, го положува на престолот и во тој миг, во Негово обличје и на Негово место ја започнува Светата Литургија.
Но, да се вратиме на она „си отиде нажален“. Тоа е најголемата трагедија на секој човечки живот: да дојдеш до познание на вистината, да заживееш светотаински во Црквата, да ти подари Господ духовен отец, и на крајот да си заминеш нажален од Христос, од Оној Кој е извор на секоја радост и во историјата, и во есхатонот. Сега, прашањето е: како воопшто човек може да си замине натажен од Христос? Како може животот покрај Христос за некој да биде извор на страдање и извор на тага? Како може на монахот животот во манастирот да му биде извор на страдање, извор на тага, нервози итн.? Секако дека не страдаме заради Христос. Таквото страдање носи духовна радост и победа над ѓаволот и страстите, и таквите страдалници ги нарекуваме свети маченици. Извор на нашето страдање се страстите. Впрочем, зборот страст буквално означува страдање. Така, и овој човек си отиден нажален поради страстите од коишто беше заробен, и во ова негово однесување секој од нас ќе се препознае.
Најтажно од сè е што овој богат човек си замина од Христос не насетувајќи во ниту еден миг дека зборува со Господ, нарекувајќи го цело време „учителе“. И не е проблем тука само неговото богатство. Тој вели дека ги исполнувал сите заповеди Божји и живеел според нив уште од младоста. Целта, пак, на исполнувањето на заповедите Божји е богопознание. Во заповедите Божји, во исполнувањето на заповедите, Самиот Бог Го откриваме; инаку, која е смислата да ги исполнуваме заповедите ако тоа не нè води кон Бог!? Бог се крие, Светите отци велат, во заповедите Свои. Оти, оној што живеел праведно и што ги исполнувал заповедите Божји, тој не може да не Го препознае Христос, како праведниот Симеон Богопримец. Тој Го видел Христос како Младенец и веднаш му било јасно Кого гледа, велејќи Му: „Сега го отпушташ Твојот слуга со мир, Владико“. Има многу средби во Евангелието каде луѓето во Христос Го препознаваат Господ. Таткото на бесомачното момче вели: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие“ (Марко 9, 24); разбојникот на крстот вели: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое“ (Лука 23, 42), а овој млад човек не само што се расфрла со зборови, велејќи дека сè запазил и исполнил, туку на крајот си заминува натажен од Христос, мислејќи дека зборувал со еден од учителите на законот, иако Христос нежно и љубовно сакал да му се открие и како Бог, велејќи му: „никој не е добар, освен Единиот Бог“.
Не може ако живееме за Бог, ако ги исполнуваме заповедите, да не Го препознаеме Бог, пред сè во ближниот; не може да го повредиме ближниот, а да велиме дека Бог сме Го познале. Тогаш свети Јован Богослов ќе нѐ разобличи, кој вели: оној што вели Го познал Бог, а го мрази братот свој, тој е лажго и во него нема вистина (види: 1 Јован 2, 9–11), оти како може да велиме дека сме Го познале и дека Го љубиме Бог, Кој не Го гледаме, а го презираме братот свој, кој го гледаме.
Одиме во црква со години и сè уште сме нажалени, сè уште сме натажени, сè уште немаме предвкус на Царството Небесно и на радоста што треба да го проникнува и овоземниот живот, оти оној што изградил заедница со Христос, тој веќе се допрел, се дограбил до вечноста и ја оприсутнува во овој живот. Оној што има заедница со Христос ја оприсутнува вечноста каде и да се наоѓа. Ако е монах, ја оприсутнува вечноста во манастирот, меѓу сите браќа во братството, меѓу сите сестри. Сите, покрај еден единствен човек кој се допрел до Христос го чувствуваат манастирот како рај. Оти, во целост тој личи на Христос, зборува како Христос, дејствува како Христос, мисли како Христос, стекнал ум Христов. Таквиот попрво претрпува навреда и прекор отколку што некого само и би погледнал со прекор, освен ако не е на таква позиција во манастирот.
Во семејството, исто така, само поради еден човек што оди на црква и се моли, кој прави метании, се кае, плаче тајно од очите на другите, ја оприсутнува вечноста во куќата во којашто живее, меѓу соседите, меѓу непријателите, и им дава можност да ја почувствуваат вечноста и во нивниот живот.
Се чудиме на тоа како и овој кутар човек си замина нажален среќавајќи се со Изворот на секоја радост. Каква трагедија, која очигледно многумина од нас ја живеат. По Светата Литургија си заминуваме натажени од Христос. Како можеш да се причестиш, да се сретнеш со Христос и да заминеш оттука со злоба, со истите чувства кон соседите, кон непријателите!? Како можеш да се причестиш, да Го примиш и да Го видиш Христос, а да не си заминеш оттука со радост? Што друго да те израдува во овој свет, што да ти даде и што да ти донесе радост?
Овој човек му се врати на своето огромно богатство, а Христос натажен вели: „Богат мачно ќе влезе во Царството Небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо“.
Што значат зборовите: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога е можно!?“
Тоа го видовме илјадници пати во историјата на Христовата Црква – како во пресуден миг се одлучуваш помеѓу богатството и Христос. Нормално, раздаваш сè, како што читаме во житијата на Светиите, како раздале сè на сиромашните и со радост заминале во пустините или во манастирите кон Христос. Или на мирјаните, луѓето Христови што живееле во светот, кога настанале гонењата во Римската империја, им ги одземале имотите. Ете, видете го свети Георгиј Победоносец, патронот и заштитникот на нашиот манастир: тој бил управник на цела една област, а свети Димитриј Мироточив на цел град со околината. И покрај тоа, ни за миг не се поколебал; сè презрел, робовите ги отпуштил, огромното богатство го раздал и подготвен го чекал својот мачител да се врати од поход.
Гледате колку сме далеку од христијанскиот идеал и колку сме слични на овој човек кога нажалени си одиме од Христос кон своето „богатство“: гордоста, високото мислење за себеси, надменоста, куќата, колата, парите, жената, децата, а мачениците не натажени, туку радосно трчале од своите богатства кон смртта заради Христос. Не се чудете зошто тука ги набројав и жената и децата. Ние лесно од сè правиме идол. Видете ја света Софија, мајката на Вера, Надеж и Љубов, што им вели: смело кон смртта, смело кон Христос. Мајка свесно ги предава на смрт своите деца и се плаши само од тоа да не се откажат од Христос.
Гледате колку сме далеку од тоа да се наречеме христијани? Затоа има и страдање во нашиот живот – затоа што има страсти, кои ни го затемниле нашето духовно око и не можеме во Христос да ја видиме смислата на нашето постоење. Само поради тоа што не сме се одрекле од сè. Слушнете што пееме во Херувимската песна, непосредно пред Големиот вход: „А сега, секаква световна грижа да оставиме“, како неопходен предуслов за да можеме да продолжиме да пееме по входот: „за да Го примиме Царот на сè“. Мора да се откажеме од сè и да оставиме сè за да направиме место во своето срце за Царот на сè. Во спротивно, секогаш ќе се најде нешто што ќе нѐ натера да си отидеме нажалени од Христос, налик на овој богат човек, кој остана без најголемото богатство.
Бог да нè сочува сите од таква беда!
Викарен Епископ Јаков Стобиски