Доделени уверенијата за нов градоначалник и членови на Советот на општина Василево
Марјан Јанев, кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата, денес ја презеде функцијата градоначалник на општина Василево.
На чинот на примопредавање градоначалникот Марјан Јанев изјави: „Најпрво сакам да изразам голема благодарност на сите граѓани на општина Василево кои излегоа на гласање, го остварија своето право на глас со што овозможија да се случат промените во општина Василево. Изборите беа пример за слободно и достоинствено изразување на гласот на секој граѓанин на општина Василево, пример за слободни, фер и демократски избори без притисоци. Во однос на предизборни ветувања, градоначалникот Јанев истакна дека во соработка со граѓаните но и во соработка со неговиот претходник ќе ги реализираат сите проекти од изборната програма со која тој и кандидатите за советници настапија во изборите. „Ќе се трудиме да го дадеме максимумот од нас за да ја реализираме програмата со која настапивме во изборите“, нагласи Јанев.
На примопредавањето на функцијата, градоначалникот Ванчо Стојанов на својот наследник му посака успешна работа, реализација на многу нови проекти преку кои како што рече „граѓаните на општина Василево да го почувствуваат бенефитот од постоењето на локалната самоуправа“.
Марјан Јанев освои 3604 гласови наспроти неговиот противкандидат- досегашниот градоначалник на општина Василево, Ванчо Стојанов од ВМРО ДПМНЕ кој освои 3046 гласови.
Општинската изборна комисија денес ги додели и уверенијата на членовите на новиот општински Совет. Во новиот општински Совет од редовите на СДСМ и коалицијата се осум советници и тоа: Крсте Панев, Фанче Томова, Блаже Коцев, Неџат Меминов, Сандра Илиева, Наташа Велкова, Костадинка Печеникова и Илми Мустафов. ВМРО ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери освоија седум советнички места. Новите советници од оваа коалиција се: Сања Стојанова, Наце Коцев, Сања Христова, Виолета Ристова, Бранко Трајков, Марјанчо Трајков и Ракип Асанов.