Денеска се Вршеше Упис на Ученици во Августовскиот Рок
Во средните училишта денеска се врши пријавување и запишување на учениците во августовскиот рок
Завршените осмоодделенци кои во јуни и јули не успеаа да се запишат во средните училишта, тоа ќе можат да го направат во августовскиот рок, односно, денеска, кога се врши пријавување и запишување, а резултатите и слободните места ќе се објават утре. Во трите средни општински училишта во Струмица во августовскиот уписен рок има околу 320 слободни места и тоа за четиригодишно средно образование 220, а за тригодишно средно образование 100 места.
Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување според условите на конкурсот, продолжуваат со запишување на учениците до 27 август.
За да се запишат учениците треба да ги исполнуваат следните услови: да имаат завршено основно образование, да не се постари од 17 години, да се определиле за план и програма за еден од следните видови образование – гимназиско образование, стручно образование и обука, средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Бесплатен превоз или сместување на учениците кои ќе се запишат во прва година во јавните средни училишта, нема да биде обезбеден ако избраниот вид на образование (струка) го има во општината, односно регионот.