Денеска е 40 Севастиски маченици – Младенци
Овие 40-мина беа римски војници. За време на гонењето од страна на Ликиниј кој владееше со источниот дел од Римското царство заедно со Диоклецијан, тие беа изведени пред суд заради нивната вера, а потоа ставени во замрзнато езеро и оставени таму преку целата ноќ.
Кога следното утро војсководецот ги најде живи, ги погуби и нивните тела ги фрли во водата за да останат непогребани. Но, три дена подоцна локалниот Севастиски епископ ги извади моштите од водата и чесно ги погреба. Пострадаа околу 320-та година.
Празник на младоста и љубовта
Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.
Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.
Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле..
Денот на пролетната рамнодневица според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јади нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели не се умира за храна зашто таа може и на трн да се најде.
На овој празник се изведувале и обичаи со кои се прогнозирало колку ќе биде родна годината. Утрото веднаш по станувањето се земала првата гранка до која ќе се потпрел човекот, таа се горела и пепелта од неа се сеела. Потоа се гледале покрупните остатоци во ситото. Ако личеле на пченица таа година повеќе ќе родела пченицата, ако личеле на пченка, просо или нешто друго значело дека овие земјоделски култури ќе родат повеќе.
Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“.
Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.
Денес многу од овие обичаи се заборавени. Но сепак празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника