Денес е св.Никола
Православните христијани во Македонија денес го празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците…
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства утре вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското царство. Персискиот крал Шапур го заробил во битката кај Едеса, го понижувал во заложништвото и, на крајот, го убил сипајќи му истопено злато низ грлото, како симбол на неговата алчност.
Бидејќи Валеријан бил прв (и останал единствен) римски цар што е заробен во борба, неговото заложништво и смрт предизвикале бран нестабилност во Римската империја.
Во такво нестабилно опкружување растел младиот Никола. Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Го одгледувал чичкото, архиепископот Патаре, под чие будно око Никола напредувал во црквената хиерархија. По смртта на чичко му, Никола е избран за архиепископ мирликијски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Од свети Никола до Дедо Мраз
По црвениот плашт и белата брада потсетува на денес модерниот приказ на Дедо Мраз. Во поново време, благодарение на рекламите и потрошувачкото општество, најпознат е како Дедо Мраз (Санта Клаус, скратено од Санта Николаус – свети Никола). Додека на православните икони е прикажан како висок човек во препознатлив црвен плашт, со епископска митра на главата и со стап во рацете, како ги дарува децата со подароци од вреќата, потрошувачкото општество тоа малку го „зачинило“. Црвениот плашт останал, како и долгата седа брада, но се додадени ирвасите што ги влечат санките со кои Дедо Мраз го обиколува светот во текот на Бадниковата вечер.
Верските аналитичари потсетуваат дека свети Никола е најран светец и е славен во цела Европа, без многу поврзаност со современиот Дедо Мраз, истакнувајќи дека денешниот Дедо Мраз е нерелигиска и нехристијанска копија на свети Никола, но децата сеедно му се радуваат.
Причината за неговата популарност треба да се бара во самата личност на свети Никола, кој целото богатство наследено од родителите го разделил на сиромашните, старите и на немоќните. Со една бовча тргнал на пат со верба во Господ, па се смета за чудотворец. Во желба да остане анонимен, парите не им ги давал на луѓето в раце, туку им ги ставал в џеб за да се изненадат кога ќе ги најдат. Токму поради неговото добротворство произлегла легендата за Санта Клаус, односно за Дедо Мраз, кој воочи Божик би им оставал подароци на децата во чорап пред огништето.
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…
Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски – Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговото упокојување 19/6 декември (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола – зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на свети Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола).