Членовите на „ПОРАКА“ на практичната настава во СОУ Димитар Влахов
Членовите на „ПОРАКА“ на практичната настава во СОУ „Димитар Влахов“
со поддршка на општина Струмица
Членовите на центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица, го посетија средното општинско училиште „Димитар Влахов“, односно, паралелката на здравствената струка. Во кабинетот на медицинските сестри, тие се запознаа со дел од практичната настава како ставање инјекции, мерење крвен притисок, кои се првите чекори за помош на болно лице, како се зема крв и слично. Членовите беа задоволни од посетата, а посебно беа воодушевени од опремата во кабинетот.
Оваа работилница е дел од проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“ кој што „ПОРАКА“ го спроведува во партнерство со „ПОРАКА“ од Скопје и здружението за млади „АДОЛУС“ од Струмица, а со финансиска поддршка на општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита за 2015 година – трансфер до НВО.
Од „ПОРАКА“ најавуваат дека до крајот на овој месец ќе реализираат уште една креативна работилница со учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ од Вељуса и една едукативна работилница со млади за правата на лицата со попреченост. Креациите од сите работилници ќе бидат презентирани на изложбата на 3-ти декември како финална активност на проектот, а со која ќе се одбележи меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.