Честитка од градоначалникот Зоран Заев по повод Курбан Бајрам
Почитувани сограѓани од муслиманска вероисповед
Секој празник е онолку голем, колку што верниците се подготвени со чиста душа и срце да пристапат кон негово празнување. Затоа, сторете се, најголемиот Ваш празник Курбан Бајрам да го направите уште поголем. Искрено се надевам дека ќе успеете со приближувањето кон Бога да ја достигнете симболиката на празникот, за да ја заслужите Божјата милост.
Стремежот кон мир и благосостојба, како еден од најважните принципи на Вашата вера и крунисувањето на аџилакот како петти темел на исламот, нека бидат Ваша движечка сила при откривањето на човековите вредности во секој од Вас. Тоа ќе ви овозможи на дело да ја покажете добрината, солидарноста, милосрдието и сите други човечки доблести кои се манифестираат со подадена рака кон соседите, пријателите, роднините и сограѓаните. Празникот нуди извонредна можност за бришење на разликите помеѓу богатите и сиромашните, бидејќи пред Бога сите луѓе се еднакви. Со тоа, вистинското свртување кон начелата на Вашата вера, ќе го добијат своето суштинско значење.
Со желби за радост, мир, хармонија, спокој и благосостојба, Ви го честитам Курбан Бајрам и Ви посакувам, празнувањето да ви биде за многу години.