Атлетичарот Ристе Пандев избран за Спортист на Годината на о.Струмица
Градоначалникот Заев: Општина Струмица останува голем пријател и поддржувач на спортот
Под покровителство на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општина Струмица, синоќа, се одржа изборот на најдобрите спортски екипи и спортисти на Струмица за 2015 година. Оваа традиционална спортска манифестација се одржа во соработка со спортските новинари и спортските работници од Струмица, а во техничка организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Струмица. На изборот присуствуваше градоначалникот Зоран Заев, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и членови на истиот, поголем број спортисти, спортски работници и почитувачи на спортот. За најдобар спортист беше прогласен Ристе Пандев најдобриот атлетичар на Македонија и учесник на европското и светското првенство во атлетика. За најдобра млада спортска екипа беше прогласена екипата на одбојкарскиот клуб „Струмица“, најдобар спортист во млади категории е Јани Атанасов од фудбалскиот клуб „Академија Пандев“ и во оваа категорија за најдобар тренер беше прогласен Зоран јанков од одбојкарскиот клуб „Македонија Макс“. Во сениорска конкуренција, за најдобар тренер беше прогласен Кире Ричлиев од одбојкарскиот клуб „Струмица“, најуспешна спортска екипа е одбојкарскиот клуб „Струмица“. По врачувањето на наградите, градоначалникот Заев рече дека општина Струмица и оваа година ќе биде голем поддржувач на спортот.
-Општина Струмица годишно помага меѓу 250 и 300 илјади евра за поддршка на сите спортски клубови.Не постои спортски клуб кој што не е поддржан од општина Струмица. Еве и на почетокот на оваа година, на наредната сеница Советот на општина Струмица ќе ги усвои критериумите и согласно со тоа ќе биде распишан конкурсот, според кој ќе можат сите клубови да аплицираат за средства за поддршка од Советот на општина Струмица, односно од граѓаните на општина Струмица. Сакам да испратам една порака до бизнис секторот, бидејќи имаме етичка обврска да помагаме колку што можеме повеќе на спортот. Тоа што го гледам во програмите на клубовите можам да забележам дека општината е најголем партиципиент во финансирањето, што не треба да е така. Треба да биде приватниот сектор, но верувам дека тешката финансиска криза што е присутна во нашата земја, па и во Европа, си има свое влијание, но тоа не смее да не демотивира во делот на упорното тренирање, максималното вложување во постигнувањето на успесите кон кои тежнееме. Општина Струмица останува максимално посветенаа да поддржи се што е во нејзините програми, ама многу често и надвор од нашите програми. Секогаш изнаоѓаме можности за било кои ад хок организации, турнири или да бидеме домаќини на екипи и да изнајдеме средства кои се надвор од тие програми за да можеме да го обелиме образот на нашата Струмица и да бидеме домаќини на пријателските клубови. На крајот останува само да посакам многу успех во оваа година која ја почнавме и верувам дека Струмица има уште поголем капацитет да освојува купови и шампионски титули без разлика за кој спорт се работи, рече градоначалникот Заев.
Сите спортисти и спортски клубови му изразија јавна благодарност на градоначалникот Заев за максималната поддршка.
Покрај прогласувањето на најдобрите и најуспешните спортисти и спортски екипи на Струмица за 2015 година, на манифестацијата им беа доделени плакети на спортски клубови и друштва кои во 2015 година прославуваа годишни јубилеи, како и на спортисти-интернационалци од Струмица, кои настапуваат за странски клубови и како репрезентативци на Македонија го афирмирале македонскиот спорт, а со тоа и струмичкиот спорт на меѓународна сцена. На членовите на македонската одбојкарска репрезентација која во 2015 година го освои сребрениот медал во европската одбојкарска лига, градоначалникот Заев им подари уметничка слика на која се насликани струмичките одбојкарски репрезентативци, а која ја изработи познатиот сликар Митко Тошев.