Атанас Ристов – нов член во Советот на општина Василево
Атанас Ристов од Коалицијата на СДСМ од денес е новиот член во Советот на општина Василево и доаѓа на испразнетото место по оставката поднесена од неговата колешка, советничката Сандра Илиева.
Советниците од редовите на ВМРО ДПМНЕ не учествуваа во работата по оваа точка. На денешното продолжение на шестата седница, исто како и минатата недела кога седницата беше прекината, излегоа со став дека не се согласуваат со начинот на дополнување на дневниот ред со точката за разрешување и верификување на мандатот на новиот член на Советот на општина Всилево, по што ја напуштија седницата.
На дневен ред беа вкупно петнаесетина предлози и истите го добија потребното мнозинство.
Едногласно и без забелешки беше усвоен Извештајот за реализација на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Василево за 2017 година, кој како што рече градоначалникот на општина Василево е основа за доделување средства на општина Василево за истата намена за тековната 2018 година од страна на Агенцијата за државни патишта на Р. Македонија. „Овој извештај треба да помине на Советот по што го доставуваме до Агенцијата за државни патишта на РМ со цел Агенцијата да ни одобри средства за реализација на Програмата за 2018 година“, рече градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев. Позитивно мислење доби и Полугодишниот извештај за работа на ООУ„Атанас Нивичански“ , Нова Маала за учебната 2017/2018 како и предлог одлуката за утврдување на бодот на платите на вработените во ЈПКД „Турија“, На ЈПКД „Турија“ му беше пренесено и правото на користење на патничко моторно возило Цитроен Берлинго, сопственост на општина Василево. Донесени беа и одлуки од областа на урбанистичкото планирање кои се однесуваат на вклопуање на бесправно изградени објекти во планскиот опфат како и неколку одлуки за доделување на финансиска помош на правни и физички лица.