Александар Донев реизбран за Претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Струмица
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница донесе одлука за реизбор на Александар Донев за Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
,,Почитувани, на вчерашната седница на ИК на ВМРО – ДПМНЕ по предлог на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, г-дин Христијан Мицкоски укажана ми е довербата за нов мандат како претседател на Општински Комитет Струмица. Му благодарам на ИК и на Претседателот Христијан Мицкоски за укажаната чест и со задоволство ја прифаќам сериозната задача целосно да се заложам да ги надминеме предизвиците и да го предводам Општинскиот Комитет ВМРО-ДПМНЕ Струмица кон нови успеси. Им благодарам за поддршката на сите членови, симпатизери и сограѓани со кои досега соработуваме и заеднички ја градиме визијата за подобра општина и подобра татковина. Во претстојниот период продолжуваме со нови сили охрабрени и заеднички да ја реализираме визијата за иднината .Секој ден заедно со Унијата на млади сили, Унијата на Жени, ветераните и месните комитети да бидеме присутни во секоја населба, во секоја улица и дом, со искрена порака да допреме до срцето на секого. Општинскиот Комитет Струмица нека биде дом со отворена врата за секој добронамерник со желба да работи на сплотување и обединување, за секого кој носи нова идеја и кој е спремен својот интелектуален, морален и човечки капацитет несебично да го вложи во конечна победа над сите пречки што се исправиле на патот на прогресот на Струмица и Македонија.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ, Да живее Струмица, Да живее Македонија!” – стои во соопштението на Донев.
Во рамките на синоќешната седница, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука и за избор на Извршен Комитет на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од извршниот комитет на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат и досегашниот Претседател на Унијата на Млади Сили О.К Струмица, Владимир Ристов и секретарот на УМС во Струмица, Елена Орцева.