Активности во училиштата за спроведување на концептот „Општина по мерка на детето“
Во основните и средните училишта во општина Струмица, започнаа активностите за поголемо учество на децата во креирањето на општинските политики за концептот „Општина по мерка на детето“. Во училиштата се изработуваат цртежи, литературни творби, се подготвуваат посебни паноа со детските пораки за тоа како треба да изгледа нивното училиште, нивната поширока околина, како да изгледа нивниот град, населено место, што недостасува, што треба да се изгради, што е пречка во нивното секојдневно движење, дружење и сл.
За овој концепт од страна на градоначалникот на општина Струмица е формирана Комисија за делување и комуникација за полесно спроведување на овој проект, од кој треба да произлезе и стратегија на општината со конкретни приоритети и иницирање за донесување на буџет со средства наменети за децата и нивното учество во донесувањето на одлуките кои се однесуваат токму на нив. Во овој процес ќе бидат вклучени и Младинскиот совет, невладини организации кои работат со деца и млади, со поддршка на Центарот на заедницата на општина Струмица и Одделението за образование во општина Струмица. Нареден чекор во овој процес е запознавањето на советниците од Советот на општина Струмица со идејата за овој концепт и превземените активности за информирање на пошироката локална заедница.