Денес е Прочка, да побараме простување за нашите постапки
Денеска е Прочка, ден одреден од Црквата кога треба да побараме простување од нашите ближни, од оние на кои свесно или несвесно сме им згрешиле,и да им простиме на оние кои свесно или несвесно нам ни згрешиле.Но, за вистински да побараме простување и вистински да простиме, неопходно е да станеме свесни во што се состои нашиот грев и каде е нашата вина.Знам дека и другпат сме зборувале за ова, но денешниот ден е добар повод да се потсетиме, за правилно да го искористиме периодот на светата Четириесетница и да поставиме нов почеток на покајание.
Ние кои сме Христови, повикани сме да бидеме сведоци Негови во овој свет.Повикани сме да Го сведочиме со мисла, со збор и со дело, во сила.Со еден збор, повикани сме да ја бараме Божјата правда во својот живот, а не човечката.Што е барање на Божја правда, а што е барање на човечка правда?
Барање на Божја правда е кога во секој момент од нашиот живот се трудиме да живееме како што Богочовекот Христос живеел и како што Он ни заповедал да живееме.
Барање на човечката правда е кога критериум на нашиот живот станува човекот – неговиот живот, неговите морални вредности, неговите закони и неговата правда.
Секогаш кога постапуваме според заповедта на љубовта, нашиот ближен ќе го оправдаме, а вината ќе ја најдеме во себе. Кога, пак, не постапуваме според заповедта на љубовта, секогаш ќе се оправдаме себеси, а вината ќе ја најдеме кај нашиот ближен. Човечката правда е во суштина враќање со зло на зло, одрекување на Христос и богоборство. Божјата правда е кога на злото му враќаме со добро и сведочење на Христос. Богочовекот дојде да ги спаси оние што за себе мислат дека се грешни, а не оние што за себе мислат дека се праведни (види Лука 5, 32).
Еве и со други зборови, накратко, како би требало – како Христијани – да реагираме во која било ситуација, а посебно лоша: Најпрвин сѐ што се случува во нашиот живот треба да го прифатиме како дар Божји, потоа треба да Му заблагодариме на Бог за дарот и, на крај, благодарењето треба да го претвориме во молитва. На тој начин ќе влеземе во процес на исцеление на нашите страсти, а демонот нема да може да се допре до нас заради квалитетот на нашата молитва. Ако не го прифатиме тоа што ни се случува како дар Божји, потребен според Божјата љубов и промисла за наше спасение и восовршување, и ако не Му заблагодариме на Бог за Неговиот дар, тогаш, ако и случајно по некоја навика – во такви ситуации – и се помолиме, нашата молитва нема да има никаква сила, а ние ќе останеме заробеници на нашите страсти и на демонот поврзан со нив.
Љубовта е секогаш слободна, а слободата е секогаш љубовна. Одземете ѝ ја слободата на љубовта и одземете ѝ ја љубовноста на слободата, и од нив нема да остане ништо. Затоа деца, љубете и не барајте да ви возвратат со љубов. Бидете слободни и љубовни. Барањето да ви возвратат со љубов веќе ја ограничува вашата љубов и таа паѓа. Барањето да ви возвратат со љубов не е љубов, и вие не сте слободни, туку сте робови на своето самољубие. Љубовта која не бара е слободна љубов, таа е неограничена и не зависи од ништо. Љубовта која не бара е вечна, таа нема крај, таа никогаш не завршува. Тоа е Божествена љубов. Слободната љубов на крајот и ќе победи, затоа што ќе му остави доволно простор и време на љубениот слободно да ѝ одговори со љубов.
Митрополит Струмички Наум