Македонска желба за поробеност- Колумна на Ристо Ѓоргиев
Зелката има кошули триста, турското ропство петстотини години, а Македонецот вековна потреба да се лаже дека утре ќе биде подобро.
Сигурно апсурдно звучи денеска да се тврди дека Македонија е поробена, та нели за првпат во многу векови имаме независна, самостојна држава. Проблемот, всушност лежи во тоа што ние се однесуваме како државата да припаѓа на некои од нашите најлоши непријатели. Македонија пати од синдромот поробеност.
Македонците патат од потребата постојано да бидат лажени, крадени, понижувани и поробени. Жал ми е што тоа го пишувам како македонец, но реалноста е таква.
Причината зошто тврдам дека патиме од ваквиот синдром ја гледам во нашето однесување кон моменталната ситуација.
Пример, неделава е полна со интересни вести. Работењето на новиот специјален Јавен обвинител, кој моравме да го назначиме, затоа што обвинителството кое го имаме е партизирано и нефункционира, ќе биде анализирано. Погодувате, од обвинителството кое не беше способно да се справи со проблемот. Принципот кај народот е познат како: кадија те суди, кадија те брани. Рецептот е од прилика ваков, првин создавате проблем, па не можете да го решите, па друг доаѓа да ви го реши. Вие седите на страна и тврдите дека не сте криви за проблемот. Проблемот од ден на ден станува се посерозен, а вие постојано се мешате во решавањето на проблемот со долевање масло и саботирање. Ликувате како луѓето кои се обидуваат да го расчистат вашиот хаос се неспособни. Класичен ропски синдром, јас направив проблем а Катица секој ден добива камшици, ама сум паметен.
Посебно сум импресиониран од македонското истражувачко новинарство. Се појави аферата за фалсификувани лични карти. Алфа пронајде тепих. Тепихот да ти бил оној од куќата на Чаушот. Чаушот да ти имал слика со Заев. Заклучок, опозицијата фалсификувала лични карти и пасоши. Ниту еден од министрите на ДПМНЕ пред министерот на СДСМ не ја откри аферата. Заклучок, без дилеми опозицијата мора да ги фалсификувала документите, друго нема. Да да, погодивте истото тоа новинарство кое во десет години владеење не успеа да открие ниту една афера поврзана со криминалите на владејачката партија. Тоа е и она истото новинарство на кое 10 од 12 прилози му се нарачани од партијата. Пастирот води, овците следат.
Македонија уште еднаш ќе оди на предвремени избори. Зошто да не. Официјално изборите ќе чинат 8 милиони евра. Ноефицијално, некој баш одлично ќе се збогати. Како и секој добар магионичар ДПМНЕ веднаш не насочи каде да гледаме. Во СДСМ, секако. Од националните телевизии дознавме дека СДСМ се финансира преку сомнителни извори. Истите тие телевизии, не најдоа за сходно да направат репортажа од каде ДПМНЕ има толкави средства да изгради палата сред Скопје во барок стил. Никој не истражи како државно земјиште заврши во рацете на партијата, ни како таа партија постојано оди на предвремени избори со огромни буџети за скапи кампањи. Нема ништо сомнително во работењето на ДПМНЕ, ама овие од СДСМ апаши невидени, иако се опозиција. Пастирот наш секогаш не носи на добро пасиште, ама овие пастири се лоши ни ги зимаат пасиштата.
Унијата на жени на ДПМНЕ имаше собир. Груевски одржа говор. Повика на клоци да се истераат предавниците. Според него, сите ние кои не се согласуваме со неговите политики сме предавници. Случајно или не, ниту еднаш во цел тој говор не спомена родова еднаквост или колку се важни жените во општеството. Статистички, во демократско општество барем една од тие неколку илјада жени требаше да протестира против таквиот говор. За среќа, во диктатура, мислењето на лидерот е светост и се прифаќа без размислување. Затоа што лидерот рече дека полесно е така.
Истите тие жени, нешто подоцна отидоа да протестираат пред седиштето на СДСМ. Претпоставувам затоа што СДСМ постојано го надгласува ДПМНЕ во Собранието и не им дозволува на законите за родова еднаквост да поминат. Баш тука една од жените кои протестираа со страст изјави: СДСМ мора да падне! Од што да падне сестро моја, нели ви кажаа во партија дека веќе 10 години имате апсолутна власт во државата?
Еве во моментов читам дека ДПМНЕ предлага да се воведе уште еден уредник во МТВ, за националната телевизија да добие кредибилитет. Да истата таа телевизија, која беше реформско чудо, која ќе станеше лидер во новинарството и која ние со наши пари ја плаќаме. Е за истата таа телевизија сега треба да платиме за да добие кредибилитет, ама барем се гради и реформира. На робот е лесно да му земеш било што, тој и така е убеден дека тоа што му го даваш е награда а не заслуга.
Премиерот на средината на месецот поднесе условена оставка. Се надевам дека некаде во некоја книга за политичка теорија постои таков пример, еве јас барав и ништо такво не најдов. Кога сте премиер и кога вашата држава е во тешка политичка криза, а вие велите дека не се плашите од опозицијата, малку е чудно да ја условите оставката. Посебно затоа што нели народот е на ваша страна. Поробените обично се само овци кои играат, онака како што пасторот пее.
Инаку месецов доживеавме неверојатно среќен момент. Лидерот на опозицијата успеа да гостува на една од четири национални телевизии. Истите тие телевизии каде Груевски добива 29 минути од 30 минутниот Дневик. Нема поголем сведок дека демократијата е мртва, од тоа кога цела година лидерот на опозиција, не успеал да гостува на една четирите најдоминантни телевизии во земјата. На неговото прашање зошто има толкава разлика помеѓу времето одвоено нему и Груевски, уредничката на Канал 5 одговори: па Никола е премиер. Еве Никола веќе не е премиер, ама не се симнува од вестите. Убав тој на мајка, најубав ни е како да не го снимаме.
Само еден ден откога поденесе оставка, Груевски ги собра сите градоначалници и министри на состанок. Инаку во тој момент ниту еден од тие луѓе не смееше да биде во тие простории, затоа што тие се државни службеници, а не партиски. Сепак, сите тие седеа таму и внимателно слушаа. Кога великиот лидер ве повикува, вие следите.
Македонија веќе со векови не може да научи да живее слободно. Постојано имаме потреба да ја потиснуваме слободата како нешто туѓо. Македонецот има потреба да трпи, затоа што некаде таму во иднината ќе биде подобро. Македонија во последниве неколку години „ужива“ во вистинска диктатура. Бројот на иселени лица е тројно зголемен, државата тројно повеќе задолжена, стандардот на живеење опаѓа, инфлацијата ги јаде платите, ама барем цените растат. Пред некој ден едно интересно видео ја обиколи Македонија. Гледач се јавува во утринска емисија и плаче поради оставката на Груевски. Во науката ваквиот однос е познат како Стокхолм комплекс. Соживувањето со своите киднапери во Македонија е многу полесно, посебно кога патите од пуста желба за поробеност и цел свој живот сте го поминале во ропство.