СОУ „Никола Карев“ се вклучи во одбележувањето на Европската недела на кодирањето
Средното општинско училиште „Никола Карев“ се вклучи во одбележувањето на Европската недела на кодирањето и е единственото средно училиште во Република Македонија кое учествуваше во еден од десетте настани организирани по тој повод. Оваа недела е нова иницијатива која има за цел да ги доближи кодирањето и дигиталната писменост до сите на забавен начин.
-Одбележувањето на европската недела на кодирањето во нашето училиште траеше три дена, првиот ден се одржа работилница на која учениците беа запознати со општите начела на кодирањето, но и со функционирањето на еден робот. Вториот ден се одржа натпревар помеѓу две екипи во програмирање на робот и третиот ден, учениците склопија роботче од лего коцки и го програмираа да направи одделни функции, рече Никола Делевски, професор по физика.
Инаку, оваа група на ученици физичари се подготвува и за учество на меѓународната олимпијада по експериментална физика која што на 31 октомври ќе се одржи во Куманово.
Претставници од ова училиште ја посетија и градинката „Детска радост“ клон 1 каде преку презентација на современите детски играчки беше реализиран забавниот дел на одбележувањето на Европската недела на кодирањето.