Горѓиев до советниците на ВМРО ДПМНЕ: Доста со дивите депонии, повикајте ја владата да ги исчисти речните корита
Директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, Зоран Горѓиев, на денешната прес конференција која што се одржа во населеното место Дабиле, ја повика советничката група на ВМРО ДПМНЕ, наместо да се занимаваат со диви депонии, да ја потсетат владата да ги исчисти речните корита во општина Струмица.
Интегрален текст од прес конференцијата:
На почетокот од денешната прес конференција сакам да упатам јавна благодарност до советничката група на ВМРО ДПМНЕ за промоцијата што и ја прават на општина Струмица, но и на ЈПКД „Комуналец“. Со секоја таканаречена прес конференција само го потврдуваат нивното успешно работење, затоа што цело лето се занимаваат и ја малтретираат јавноста само со диви депонии кои можеби претходно сами ги создаваат, само за да се појават во јавноста. Очигледно нема за што друго да се фатат, па дивите депонии им станаа омилена тема.
Ако имаше сериозни проблеми во општината, зошто нивниот премиер кога дојде во Струмица не ги решаваше на лице место, како што тоа го прави насекаде низ државава, туку се шеташе по градското корзо и тоа со семејството.
Во нашите прес конференции и реакции, никогаш не сме ја мешале политиката со работата, но овој пат мораме да им порачаме на советниците од ВМРО ДПМНЕ: Доста е, државата се распаѓа благодарение на вашата партија, а вие цело лето шетате по диви депонии. Нели гледате дека оваа гнасна кампања што ја водите нема поддршка ни кај вашите членови и симпатизери. Доволно е само да ги прочитате коментарите по социјалните мрежи и ќе сфатите дека вашите прес конференции веќе служат само за потсмев.
Е сега, додека тие ја најдат следната депонија за да се сликаат до неа, ние ќе ги потсетиме на вистински проблем кој со години не го решава нивната влада. Еве, се наоѓаме на мостот на реката Струмица во Дабиле. На лице место може да се види во каква катастрофална состојба е речното корито, обраснато со треви и неисчистено со години, а сведоци сме какви и колкави штети беа предизвикани од поплавите само во последните неколку години. И тие не беа доволни владата да си ја заврши обврската, да го исчисти речното корито. Наместо да ги спречи поплавите, таа повеќе милува да ги користи последиците во својот популизам, после секоја поплава, само се шетаат, сликаат и глумат сочувство со народот, потоа заминуваат и забораваат на дадените ветувања.
Да ги потсетиме граѓаните дека чистењето на речните корита и главната каналска мрежа е обврска на Владата, а не на општината. Таа дури се фалеше дека има и Акциски план, но очигледно Струмица ја нема во него. Тоа што по секоја поплава први на терен се градоначалникот Заев и службите на општината и „Комуналец“ значи дека вистински се грижат за своите жители.
Затоа, денеска, апелираме до советничката група на ВМРО ДПМНЕ, да престане да се занимава со диви депонии, туку, да ја потсети нејзината влада да ги исчисти речните корита во општина Струмица. Им даваме предлог речните корита нека бидат следната дестинација во нивната спин авантура низ општината.