Одржана 11-та седница на Советот на општина Василево
Советот на општина Василево, на денешната редовна 11-та седница, расправаше по вкупно единаесет точки, колку што беа на дневниот ред по неговото дополнување. Предлог-одлуките за утврдување на потребата од донесување на урбанистичко планска документација заради вклопување на бесправно-изградени објекти во планскиот опфат, по образложението дадено од стручните служби на општината го добија потребното мнозинство. Советниците едногласно ја усвоија Предлог-одлуката со која се одобрува финансиски придонес односно кофинансирање од страна на општина Василево за спроведување на проектот „Нераскажаната приказна за американската мисионерка Мис Стон –МИС СТОН“. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 17 000 000 денари од кои 14 280 000 денари се побаруваат како подгрант од Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) како дотации од Европската унија (ИПА 2 ) и сопствено учество на општина Василево во износ од 2 720 000 ден.
На денешната седница беа донесени и измените и дополнувањата на годишниот план за вработување на општина Василево за 2018 година, а разгледани беа и неколкуте барања за финансиска помош поднесени до Советот.