Градоначалникот Јаневски оствари средба со бугарската министерка за надворешни работи Захариева
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, попладнево оствари средба со делегација од Република Бугарија предводена од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. На средбата на која што присуствуваа и пратениците Катерина Кузмановска и Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков, се разговараше на актуелни теми од повеќе области, а посебен акцент во разговорите беше ставен на прекуграничната соработка меѓу општините од двете страни на границата. Градоначалникот Јаневски потенцираше дека општина Струмица има одлично искуство во овој дел реализирајќи повеќе заеднички проекти, кои претставуваат добра основа за интензивирање на прекуграничната соработка. Министерката Захариева истакна дека пријателството меѓу двете земји е основа за градење на заедничка европска иднина нагласувајќи дека Владата на Република Бугарија е отворена за соработка и поддршка на проекти од општина Струмица кои уште повеќе ќе ја продлабочат соработката и ќе го подобрат животот на граѓаните.