Кривична пријава за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ против поранешниот градоначалник на Василево
Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против В.С (51) од с.Едрениково, С.Н (46) од с.Градашорци, М.Т (54) и М.Ѓ (28) и двајцата од Василево, М.Ј (58) од с.Сушево и Б.С (59) од с.Моноспитово, поради постоење основано сомневање дека првопријавениот како градоначалник на општина Василево, го сторил кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено во член 353 став 5 во врска со член 22 од КЗ на РМ, а останатите пријавени лица ги сториле кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено во член 353 став 5 во врска со член 22 од КЗ на РМ и „Фалсификување и уништување на деловни книги“ предвидено во член 280 став 1 од КЗ на РМ.
Имено В.С во својство на градоначалник на Општина Василево искористувајќи ја својата службена положба, со пречекорување на границите на своето законско овластување и покрај тоа што проценувањето на штетите и изготвувањето на Елаборатот од проценката на штетите, доставен до Владата на Р.Македонија, со барање на средства без притоа да бидат изготвени неопходните обрасци и записници за извршени увиди на лице место согласно „Единствената методологија за проценка на штетите од елементарни и други непогоди“, поточно без да постојат соодветни писмени докази дека физичките и правни лица од Општина Василево навистина ја претрпеле пријавената штета од поплавите во Општина Василево на 24.02.2013 , 25.02.2013 и 26.02.2013 година, донел Решенија за исплата на средства од елементарна непогода од сметката за солидарност на буџетот на Општина Василево. На тој начин по добивањето на дотација од Министерството за финансии на износ од 38.656.106 денари согласно донесената Одлука на Влада за надомест на штети од поплавите во висина од 15% од настанатата штета, првопријавениот во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година од сметката за солидарност на Општина Василево на повеќе граѓани и на неколку правни лица од Општина Василево им исплатил вкупно 33.762.784 денари без соодветен доказ за претрпена штета односно без претходно да биде запазена „Единствената методологија за проценка на штетите од елементарни и други непогоди“.
Исто така првопријавениот ги пречекорил границите на своите овластувања и по однос на распределбата на средства за претрпена штета на Општина Василево која документирано била проценета на 12.604.500 денари, од сметката за солирдарност дозволил да се исплатат само 4.032.300 денари. Така, на ЈП „Турија“ од Василево за документирано проценета штета од 572.000 денари, дозволил да се исплатат само 72.600 денари, а на ООУ „Гоце Делчев“ с. Василево за документирано проценета штета од 185.000 денари дозволил да се исплатат дури 41.250 денари, што укажува дека средствата за штетите од поплавите биле нерамномерно и несразмерно распределувани.
Второ, трето и четвртопријавениот во својство на членови на општинската комисија за проценка и утврдување на штетите од елементарните непогоди, заедно со претседателот на комисијата придонеле кон извршувањето на кривичното дело, со тоа што без да изготват записници за увид на лице место и без да ги изготват соодветните обрасци предвидени во „Единствената методологија за проценка на штетите од елементарни и други непогоди“ извршиле фиктивна проценка на штетите на граѓаните и учествувале во изготвувањето на “Елаборатот од проценката на штетите “ во кој ги внесувале податоците од направените фиктивни проценки на штетите од поплавите, при што на крајот ставиле свој потпис на елаборатот заверувајќи ја неговата содржина како вистинита. Таквиот елаборат со недокажани и непотврдени податоци подоцна бил изгласан од Советот на Општина Василево и пратен до Владата на Р.Македонија врз основа на што биле добиени средства за исплата на штетите од поплавите во висина од 15% од претрпената штета, односно 38.656.106 денари.
Петто и шестопријавениот како членови на комисијата за проценка на штетите, иако директно не влијаеле во гореопишаните кривично-правни настани сепак со ставиле свои потписи на „Елаборатот од проценката на штетите “ како и на Извештајот од работата на комисиите за проценка на штети, исто така заверувајќи ја содржината како вистинита. Со опишаните дејствија направени од страна на пријавените тие го оштетиле буџетот на Р.Македонија во износ од 35.870.149 денари