св. 40 Севастиски маченици
И донесоа одлука да ги одведат на мачилиштето. Додека се вршеше ова страшно мачење, се случи следново: побожната мајка на еден од страдалните свети маченици по име Мелитон, еден од најмладите, стоеше таму и со совети ги храбреше светите маченици јуначки да истраат. Но, посебно се плашеше за својот син, бидејќи млад, да не се исплаши од маките и да не се предаде. Го гледаше и со испружени раце кон него го храбреше и советуваше, велејќи му: Не се плаши, чедо! Гледај, Христос стои пред тебе и ти помага! А, светите маченици, изнемоштени и веќе предавајќи ги своите души на Господа, говореа: Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се спасивме. Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата (Пс. 123, 7-8). И, бидејќи сите рекоа амин, ги предадоа своите свети души на Господа. Само свети Мелитон, кого мајка му го советуваше, сѐ уште дишеше.
Тогаш мачителите им наредија на слугите, телата на светите да ги натоварат на запрежна кола, да ги однесат и да ги запалат, а младиот Мелитон го оставија, мислејќи дека ќе живее. Но, мајка му, гледајќи дека само нејзиниот син го оставија, ја отфрли женската слабост и добивајќи машка сила, го зеде синот на плеќи и смело одеше по колата. Носен од својата мајка, радувајќи се, маченикот го испушти својот дух. Тогаш мајката ја стигна колата и го положи мртвото тело на својот син меѓу телата на светите.