Општина Василево го одбележа својот празник
Општина Василево го одбележа својот празник
15.12.2017 Новости DSC_0060
Со свечена седница на Советот, општина Василево го одбележа 16-ти Декември – денот на своето основање и 21 година постоење и развој.
Свои обраќања имаа претседателот на општинскиот Совет, Крсте Панев и градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев.
„Советот заедно со Градоначалникот на општината се органите кои се одговорни за нејзиниот развој. Во изминатите 21 година таа одговорност и обврска ја имаа нашите претходници и поранешни градоначалници. Во овој четиригодишен мандат одговорноста и обврската ја имаме ние, актуелните советници и градоначалникот Марјан Јанев. Ќе направиме се што е во наша можност и се разбира во рамките на Законите, да ги подобриме условите за живот на сите категории на граѓани за нашата општина Василево да ја однесеме чекор напред“, рече во своето обраќање претседателот на Советот на општина Василево Крсте Панев, кој во овој, како што рече свечен ден посебно им се обрати на колегите советници и им порача во носењето на одлуките да ги занемарат партиските интереси и единствено да се водат од интересот на граѓаните и општото добро на сите граѓани наопштина Василево.
Градоначалникот Марјан Јанев изрази целосна подготвеност да се соочи со сите предизвици што ги носи градоначалничката функција и покрај долгот од 70 000 000 денари што го наследи од својот претходник . „Свесен за тежината на патот што треба да го изодам како актуелен градоначалник на општина Василево, за проблемите и предизвиците со кои веќе се соочувам, целосно сум подготвен да продолжам напред. Она што можам да го ветам за годините што ни следуваат е дека домаќинското работење кое подразбира дека квалитетот ќе биде императив за секоја преземена активност, а реализираните проекти ќе им користат на граѓаните многу подолго од нашите мандати. Заедно со граѓаните, ќе реализираме многу проекти, многу планови, многи идеи. Со поддршка на Советот и ангажманот на вработените, секогаш ќе наоѓаме решенија бидејќи сите ние имаме иста цел: дома, во нашите населени места, во нашата општина да ни биде најубаво. Имаме потенцијал, знаење, капацитет и воља. Знаеме, можеме и ќе успееме“, порача градоначалникот Јанев во своето обраќање на денешната свечена седница.
Гости на свечената седница беа и градоначалниците на соседните општини Струмица, Босилово и Ново Село како и поранешниот градоначалник на општина Василево Славе Христов.