Македонија и Бугарија потпишаа повеќе договори за соработка во Струмица!
Претставници на владите на Македонија и на Бугарија во рамки на денешната заедничка седница во Струмица потпишаа неколку спогодби за соработка во повеќе области.
Министрите за одбрана на Македонија и на Бугарија, Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов потпишаа Протокол за соработка во спроведувањето обуки за припадници на АРМ во воентите школи во Бугарија.
Протоколот предивидува практична обука на тенковски екипажи во Бугарија, како и други конкретни мерки за интензивирање на соработката во одбраната.
Македонија и Бугарија денеска со меморандум ја официјализираа и најавата за намалување на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.
Меморандумот го потпишаа македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, во тек на денешната заедничка седница на владите на двете држави што се одржа во Струмица, во присуство на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
Документот овозможува регулаторните тела на двете држави да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг.