Примопредавање на техничка документација за канализација во Едрениково
Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев ја прими комплетната техничка документација за канализациона мрежа и пречистителна станица за отпадни води за населеното место Едрениково. Техничката документација беше предадена од страна на Жулиета Ѓуркова – раководител на Центарот за развој на југоисточниот плански регион.
Техничката документација е изработена во рамки на проектот „Управување со сливот на река Струмица“ кој центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), и други релевантни институции. Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Она што ќе следи во наредниот период е распишување на тендер за избор на компанија – изведувач на активностите на терен. Според планираното, активностите на изградба на канализационата мрежа и прочистителната станица треба да започнат на пролет.
Вкупната должина на канализационата мрежа која ќе го покрива целото населено место изнесува околу 2 830 метри.
Прочистителната станица ќе биде наменета за третман на отпадни води од домаќинствата, кои по прочистувањето ќе се слеваат во реката Сушицa а од таму преку река Водочница во реката Струмица.
„Со целосната имплементација на овој проект односно со изградбата на канализационата мрежа и прочистителната станица во населеното место Едрениково ќе биде решен проблемот со одведување на отпадните води од домаќинствата кои сега се испуштаат директно во отворените водотеци или се собираат во нестандардни септички јами и на тој начин се загадува почвата“, изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев кој потенцира дека за време на својот мандат целосно ќе се вложи во решавање на овој проблем и дека изградбата на канализациони системи на локално ниво е еден од приоритетите на општина Василево.