„ЗЛАТНА ПЕТОРКА“ премиерно во САД
Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ на Горан Тренчовски влезе во официјалната селекција на 36-то издание на престижниот Интернационален филмски фестивал во Њу Џерси (New Jersey International Film Festival), од 367 пријавени филмови од цел свет.
Покрај американската премиера на 22 септември, на покана на организаторот, режисерот Тренчовски ќе оствари средба со студенти и професори на Rutgers University New Brunswick, а продуцентот Дејан Милошевски ќе преговара со потенцијални дистрибутери на филмот за САД.
Филмот на 9 септември ќе се прикаже на Централно-Европскиот филмски фестивал во Темишвар, Романија, на 20 септември на Фестивалот на филмската режија во Лесковац, на 23 има проекција во Мумбаи, а потврдени се и селекциите на фестивали во Варшава (Полска), Брно (Чешка) и Санкт Петербург (Русија).
Филмот „Златна петорка“ е најнаградуван и најгледан македонски филм во последните пет години.